По повод Денот на сесловенските просветители, Министерството за образование и наука упати честитка во која го истакнува значењето на делото на Кирил и Методиј за духовниот, културниот и образовниот развој на словенските народи.
Од Министерството посочуваат дека како мисионери и учители, Кирил и Методиј оставиле траен белег врз словенската писменост, култура и просвета, а нивното дело и денес претставува поттик за зачувување на јазичниот и културниот идентитет, како и за постојано вложување во знаењето и образованието.
– Продолжувајќи ја нивната мисија, наша обврска е да градиме силен образовен систем што ќе создава генерации со знаење, критичко размислување, креативност и чувство на заедништво – се наведува во честитката на Министерство за образование и наука.
Од МОН порачуваат дека е важно да се почитува сопственото културно наследство, но и да се негува отвореност кон другите култури, со цел градење општество засновано на доверба, солидарност и соработка.
Во честитката се нагласува и улогата на учителите и наставниците, кои, според Министерството, имаат исклучително важна задача да воспитуваат и образуваат млади луѓе што ќе размислуваат самостојно, ќе препознаваат вистински вредности и ќе бидат отпорни на дезинформации, стереотипи и манипулации.
– Со системска поддршка, квалитетно образование и активна вклученост на родителите, младите можат да израснат во граѓани подготвени да создаваат подобра иднина за себе и за државата – се додава во честитката.
































