Универзалните вредности на Свети Кирил и Методиј не познаваат граници

  • Визионерството и далековидоста на светите браќа изразени преку нивното творештво се протегаат со векови, откако тие ја создадоа глаголицата како писмо, возвишувајќи го словенскиот јазик благодарение на нивната упорност и пожртвуваност. Свети Кирил и Методиј затоа се меѓу најважните личности во македонската и европската историја
  • Без разлика дали сесловенските просветители се чествуваат со пригодни рецитали во Пекинг, со посета на македонска државно-црковна делегација на традиционалната манифестација во Рим или од македонската дијаспора низ светот, јасно се согледуваат придобивките од делото на светите браќа и уважувањето на нивниот подвиг

Стиховите на „Везилка“ од Блаже Конески слушнати во Пекинг, во одреден миг, се чинеше дека ја скратија далечината од илјадници километри меѓу Кина и Македонија. Македонската песна побуди емоции и интерес меѓу Македонците и Кинезите, како и меѓу другите гости присутни при нејзината рецитација, истовремено покажувајќи ја моќта на културата за поврзување на народите. Изведбата на „Везилка“ беше во рамките на одбележувањето на Денот на сесловенските и македонски просветители Свети Кирил и Методиј одржано минатата година во ова време, во македонската амбасада во Пекинг, што тогаш остави силен впечаток кај сите присутни.
Одбележувањето на 24 Мај во Пекинг под покровителство на амбасадорот Сашко Насев, може да се каже дека прераснува во традиција, со вклученост на македонската заедница што живее и работи во главниот град на Кина, но и со нивните пријатели и колеги од разни држави. А покрај запознавањето со македонската култура, гостите имаат можност да пробаат и традиционални специјалитети од македонската кујна, како и македонско вино.
Ваквиот свечен настан, на кој имав можност да присуствувам, ги прикажува далекосежните ефекти од мисијата на Свети Кирил и Методиј, односно нејзината историска улога и значење во денешни рамки, преку ширење на универзално препознаени вредности низ целиот свет, со цел зближување на различните народи и култури.
Без разлика дали сесловенските просветители се чествуваат со пригодни рецитали во Пекинг, со посета на македонска државно-црковна делегација на традиционалната манифестација во Рим или од македонската дијаспора низ светот, јасно се согледуваат придобивките од делото на светите браќа и уважувањето на нивниот подвиг.
Визионерството и далековидоста на светите браќа изразени преку нивното творештво се протегаат со векови, откако тие ја создадоа глаголицата како писмо, возвишувајќи го словенскиот јазик благодарение на нивната упорност и пожртвуваност. Свети Кирил и Методиј затоа се меѓу најважните личности во македонската и европската историја. За нивното дело во ова празнично издание на „Нова Македонија“ пишуваат универзитетски професори, истражувачи и историчари, со цел да го доближат до народот во денешно време.

Сите Словени ги сметаат браќата Кирил и Методиј за свои првоучители и духовни татковци, па и во неодамнешно ексклузивно интервју за „Нова Македонија“, новоименуваниот амбасадор на Руската Федерација во државава, Дмитриј Зиков, истакна: „Во нашата земја секогаш се сеќаваме и секогаш ќе се сеќаваме дека токму од македонското тло светите рамноапостолни просветители Кирил и Методиј и нивните ученици им ја донесоа на предците на рускиот народ светлината на православната вера“.
Клучната мисија на Свети Кирил и Методиј се однесува на правото на народите за слободно изразување на идентитетот и самобитноста на својата култура. Впрочем, Кирил во Венеција своевремено јасно истакнал дека секој народ има право на свој јазик, додека спорел со тријазичниците што се застапувале за ширење на Христовото учење само на грчки, еврејски и латински јазик. Токму затоа глаголицата и кирилицата се столбови на македонскиот идентитет. А оние што се обидуваат попусто да ги негираат македонските идентитетски обележја и да ги присвојуваат Свети Кирил и Методиј, наместо тоа нека се насочат кон прифаќање на вредностите што ги пропагирале светите браќа.
Одбележувањето на 24 Мај ја истакнува и потребата за квалитетно образование што на младите луѓе ќе им овозможи да ги развијат своите потенцијали, полесно да се снајдат во животот со справување со сите попатни предизвици и да се изградат во зрели личности што ќе придонесат за создавање напредно општество и подобар свет.
Нека ни е честит Денот на сесловенските просветители. Нивното дело и определби нека послужат за натамошно зајакнување и ширење на писменоста, како и за зближување меѓу народите.