Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска информираше дека отворило истрага поради сомнежи за шпионажа во кабинетот на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. Информацијата од ОЈО ГОКК ја пренесуваме во целост.
„ОЈО ГОКК, по добиено известување на 18.12.2025 година од Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал, кое се однесува на настан од 24.11.2025 година и постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и веднаш ги презеде сите неопходни мерки и активности согласно своите законски надлежности.
Во рамки на постапката, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во кабинетот на претседателката. Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од кабинетот на претседателката.
Дополнително, до кабинетот на претседателката беше упатено барање за доставување копии од видеозаписите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот тој се случил.
На 30.12.2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, беше доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал.
На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека кабинетот на претседателката не располага со копии од видеонадзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видеозаписи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР.
И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот.
На 16.3.2026 година, МВР достави известување за дел од преземените активности што се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Наедно, до ОЈО ГОКК беа доставени и два мобилни телефона одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш беше издадена соодветна наредба за постапување.
Потоа, на 25.3.2026 година, имајќи ги предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази.
До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“. П.Р.
МВР во врска со истрагата на ОЈО ГОКК за случајот „Шпионажа во кабинетот на претседателката“
Се финализира анализата на електронските докази екстрахирани од
одземената опрема
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи во врска со случајот за шпионажа во кабинетот на претседателката постапува по две наредби добиени од ОЈО за ГОКК доставени на 12.2.2026 и 25.3.2026 со кој се бара да се изврши анализа на електронски доказен материјал. Во тек е анализа на сите електронски докази што се екстрахирани од одземената опрема.
Напоменуваме дека станува збор за поголема количина на електронски доказен материјал за кој е потребен поголем временски период. Анализата е во завршна фаза и во наредниот период целокупниот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО за ГОКК. По целосно расчистување на случајот јасноста ќе биде соодветно известена. П.Р.
































