Хероите што влегуваат и излегуваат од огнот како победници
- На терен нема политика, нема поделби, нема разлики. Има само човек што треба да се спаси, велат пожарникари што со години работат на првата линија. Токму затоа оваа професија има особена тежина во секое цивилизирано општество. Единството и кохезијата нѐ чинат да бидеме посилни не само од огинот туку и од самите себеси, како тим, како екипа, како професионалци, но и како личности, впрочем таа одлика е токму онаа што ни недостига нам, на граѓаните на нашето македонско општество, и пожарникарите всушност се живиот пример на сплотеност што треба да се следи!, издвојуваат нашите ценети соговорници пожарникари, токму на својот празник како порака до сите чинители на македонското општество
Додека граѓаните бегаат далеку од пламените јазици, ние трчаме кон нив. Додека чадот ги затвора хоризонтите, ние влегуваме таму каде што секунди одлучуваат меѓу живот и смрт… се зборовите на нашите соговорници, расположена и насмеана група пожарникари, кои на својот празник ги затекнавме високоподготвени на своите работни места, во противпожарната станица наспроти канцелариите на нашата редакција во населбата Тафталиџе.
Македонските пожарникари и годинава го одбележуваат 20 Мај – Денот на пожарникарството, празник што не е само професионален датум туку ден на достоинство, храброст и јавна благодарност за една од најхуманите професии во државата. Во време на климатски промени, екстремни температури и сè почести шумски пожари, улогата на пожарникарите станува уште поважна. Тие одамна не се само луѓе што гасат пожари. Тие се спасители, психолози, хуманитарци и првата линија на одбрана на безбедноста на граѓаните.
Од Битола 1836 до денес: Историја изградена врз храброст
На 20 мај 1836 година во Битола е формиран првиот организиран противпожарен одред на овие простори. Тој датум денес се смета за почеток на организираното пожарникарство во Македонија. Во тоа време, пожарите најчесто се гаселе рачно, со импровизирана опрема, човечки синџири и кофи со вода. Но и тогаш, како и денес, најважниот ресурс бил човекот, неговата храброст и подготвеност да помогне. Низ децениите, македонското пожарникарство се развивало заедно со градовите и индустријата. Од доброволни друштва, преку локални противпожарни одреди, до современи територијални единици со специјализирани тимови и интервентни служби. Но една работа никогаш не се променила: пожарникарот секогаш останувал симбол на пожртвуваност!
Пожарникарите не се борат само со оган
Современиот пожарникар одамна не работи само со црево и шлем. Денес тие интервенираат при сообраќајни несреќи, поплави, земјотреси, спасување заглавени лица, технички интервенции, хаварии и еколошки катастрофи.
– Пожарникарот мора да биде физички подготвен, психолошки стабилен и секогаш подготвен за најлошото сценарио – велат искусни припадници на противпожарните единици.
Во текот на летните месеци, особено драматична станува борбата со шумските пожари. Македонија последниве години се соочува со алармантни бројки. Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС), во 2024 година во државата биле опожарени над 90.000 хектари површина, дури девет пати повеќе од просекот во периодот 2006–2023 година. Според податоци објавени во домашните медиуми, само во првите шест месеци од 2024 година биле регистрирани околу 130 сериозни пожари на територијата на Македонија, при што биле зафатени повеќе од 1.200 квадратни километри површина. Овие бројки не се само статистика. Зад нив стојат исцрпени пожарникари, непроспиени ноќи, изгубени шуми, загрозени домови и спасени човечки животи.
Кога сите се повлекуваат, пожарникарот оди напред!
Оваа реченица најдобро ја опишува суштината на професијата. Пожарникарите се луѓе што работат под постојан ризик. Не постои „лесна интервенција“. Секој повик може да биде последен. Секое отворање врата може да значи експлозија, густ чад или уривање објект. И покрај тоа, тие никогаш не прашуваат кој е човекот што треба да го спасат.
– На терен нема политика, нема поделби, нема разлики. Има само човек што треба да се спаси – велат пожарникари што со години работат на првата линија.
Токму затоа оваа професија има посебна тежина во секое цивилизирано општество.
Предизвиците на пожарникарите
Иако пожарникарите се едни од најважните столбови на безбедносниот систем, голем дел од територијалните противпожарни единици во Македонија и понатаму се соочуваат со сериозни проблеми. Недостиг од кадар, стари возила, ограничена опрема и недоволни инвестиции – тоа е реалноста со која се соочуваат многу единици низ државата. Сепак, токму во тие тешки услови најсилно се гледа нивната пожртвуваност. Во Виница, на пример, локалната противпожарна единица во текот на 2024 година имала 112 интервенции, што е значително зголемување во однос на претходната година. Најголем дел од пожарите биле на отворен простор. Овие податоци се само мал дел од секојдневната реалност со која живеат македонските пожарникари.
Општество што ги почитува пожарникарите е зрело општество
Во свет во кој честопати најгласни се оние што најмалку придонесуваат, пожарникарите остануваат тивки херои. Тие не бараат внимание. Не бараат слава. Не работат за аплауз. Но токму затоа заслужуваат најголема почит. Пожарникарите се луѓе што ги спасуваат нашите домови, институции, фабрики, шуми, болници и училишта. Тие ја чуваат безбедноста и на јавните и на приватните добра. Нивната професија е директно поврзана со сигурноста на секој граѓанин. И затоа државата мора континуирано да инвестира во нивната подготвеност, опрема и услови за работа. Инвестицијата во пожарникарството не е трошок – тоа е инвестиција во животот. Р.Н.М.
Кусо од редакциски агол
Пиедесталот на најзаслужните
На Денот на македонските пожарникари, најмалку што може да направи општеството е да каже – благодарам! Благодарам за секоја спасена куќа. За секое спасено дете. За секој изгаснат пожар. За секоја непроспиена ноќ. За секој ризик преземен во име на туѓиот живот. Пожарникарите заслужуваат да бидат поставени на пиедесталот на најзаслужните професии во Македонија. Не само затоа што гасат пожари туку затоа што секој ден ја потврдуваат највисоката човечка вредност, да му се помогне на другиот, дури и кога самиот си во опасност. Затоа 20 Мај е повеќе од празник. Тоа е ден кога ние во редакцијата, а и јавноста на Македонија, им се поклонуваме на своите најтивки, но најголеми херои! Р.Н.М.

































