Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Александра К.Спасеноска, дерматовенеролог во Здравствен дом Скопје

Акните се едни од најчестите дерматолошки заболувања кои влијаат на физичкото и психолошкото здравје на пациентите особено кај младата популација. Кај адолесцентите влијаат не само на изгледот туку и на самодовербата и квалитетот на живот. Акните настануваат поради повеќекратни фактори од кои најзначајни се зголеменета продукција на себум од лојните жлезди, нарушувања на десквамацијата на фоликуларниот епител, хормонски дисбаланс и бактериска колонизација со Propionibacterium acnes.
Андрогените хормони (често во пубертет), менструални циклуси, синдромот на полицистични јајници го стимулираат лачењето на себум и го влошуваат проблемот со акни. Значајна улога исто така игра и генетската предиспозиција – ако еден од родителите имал акни постои зголемен ризик кај нивното дете. Исто така голема улога играат и факторите на стрес, употребата на одредени лекови (кортикостероиди, литиум, орални контрацептиви, јодити, бромиди) како и некои видови на храна.
Оклузијата и притисокот на кожата, како што е потпирање на главата со рацете се многу важни и често непрепознаени егзацербирачки фактори (acne mechanica).

Патогенезата опфаќа неколку главни патофизиолошки механизми, екцесивна себореја и хиперкератоза на фоликуларниот епител.
Клучни фактори се фоликуларната кератинизација, андрогените и Propionibacterium acnes.
Акните се резултат на промена на текот на кератинизацијата во пилосебацеалната единица поради што кератинскиот материјал станува погуст и ја блокира секрецијата на себум. Овие кератински чепови се викаат комедони и представуваат „темпирани бомби за акните“. Кај акните е намалена линолеинска киселина што ја регулира кератиноцитната пролиферација. Во опструираните пилосебацеални единици комедонските чепови и комплексната интеракција меѓу андрогените и P.Acnes водат кон инфламација. Андрогените ги стимулираат себацеалните жлезди да продуцираат поголеми количини себум. Бактеријата содржи липаза која ги конвертира липидите во масни киселини и продуцира проинфламаторни медијатори(интерлевкин 1, тумор некроза фактор алфа). Масните киеселини и проинфламаторните медијатори предизвикуваат стерилен инфламаторен одговор во пилосебацеалнта единица. Ѕидовите на проширениот фоликул руптуираат и содржината (себум, липиди, масни кисели, кератин и бактерии) навлегува во дермот провоцирајки инфламаторен одговор и одговор на туѓо тело (папула, пустула, нодула). Руптурата на фоликулот заедно со бурната инфламација води кон формирање лузни.

Клиничките манифестации варираат од благи акни, папули и папулопустули, комедонални до тежок нодулоцистичен тип.
Најчесто предилекциони места се лице, врат, горни екстремитети и задник.

Кожни промени-комедони-отворени (црнки) или затворени (белки), комедонални акни

Папули и папулопустули- папула со пустула на врвот (папулопустулозни акни).
Нодулуси или цисти (нодулоцистични акни). Меките нодулуси се резултат на повторуваните фоликуларни руптури и на повторуваната капсулизација со инфламација, формирање апсцеси и реакција на туѓо тело.Всушност цистите се псевдоцисти затоа што не се опкружени со епител туку претставуваат флуктуирачки апсцеси.Кружните, изолирани поединечни нодулуси коалесцираат во линеарни колекции и во синусни формации.
Синуси-дренирачки канали обложени со епител, најчесто кај нодулозни акни.
Лузни-атрофични вдлабнати или хипертрофични.
Себореја-често присутна на лице и капилициум.
Специјални форми на акни се Acne conglobata (тешки цистични акни) се јавуваат најчесто на трупот и задникот. Се манифестираат со коалесцирачки нодулуси, цисти, абсцеси и улцерации.
Ance fulminans се јавуваат кај момчиња тинејџери на возраст од 13 до 17 години . Тоа се тешки цистични акни со придружна супурација и присутна улцерација.
Тропски акни – ненадејна појава на акни со тежок фоликулит, инфламаторни нодулуси и дренирачки цисти на труп и задникот во предели со тропска клима.
Упорни акни – може да се поврзани со конгенитална адренална хиперплазија (11 бета дефицит на хидроксилаза).
Acne excoriee – умерени акни кај млада жена асоцирани со екстензивни екскоријации и со лузни што се должат на емоционални и психолошки проблеми (опсесивно компулсивно нарушување).
Хлор акни – се должат на изложување на хлорирани ароматични хидрокарбони во електрични спроводници, инсектициди и во хербициди.
Козметички акни – се должат на комедогени супстанции.

Со лабораторски испитувања, ако постои сомнеж за ендокринолошко нарушување треба да се одредат тестостерон, фоликулостимулирачки хормон, лутеинизирачки хормон и DHEAS за да се исклучи хиперандрогенизам и полицистичен оваријален синдром. Хормони на надбубрежните жлезди и јајниците-лутеинизирачки хормон, фоликулостимулирачки, естрогени и прогестерон, особено за да се исклучат состојби како синдром на полицистични јајници, пролактин-ако постојат дополнителни симптоми како неправилни менструации или галактореја. Ако се планира системска терапија со изотретиноин може да се потребни лабораториски испитувања (трансаминази, AST, ALT, триглицериди и ниво на холестерол). Најчесто акните спонтано поминуваат до 20 годишна возраст, но може да опстојуваат до четириесет годишна возраст како и кај постари лица.

Третманот на акни зависи од типот, тежината и индивидуалната клинична слика.
Лекувањето трае од 6 до 12 месеци во зависност од тежината и бара континуирана контрола од дерматолог, хигиено диететски режим и психолошка поддршка кај пациентите особено кај оние со тешка форма на акни.