Putin Si Jiping
Фото: ЕПА

Кинескиот претседател Си Џипинг изјави дека односите меѓу Кина и Русија носат „стабилност и предвидливост во хаотичниот свет“, за време на разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг.

На средбата во Големата сала на народот, Си нагласи дека Кина и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН и големи глобални сили, треба да ја продлабочат стратешката координација и да придонесат за „поправеден и поразумен систем на глобално управување“, пренесе „Ројтерс“.

Тој го нарече Путин „долгогодишен пријател“ и истакна дека кинеско-руските односи, засновани на взаемно почитување, праведност и взаемна корист, влегуваат во „нова фаза на поголем напредок и побрз развој“.

Според Си, во услови на глобални тензии, унилатерализам и поделби, партнерството меѓу Пекинг и Москва носи стабилност и предвидливост на меѓународната сцена.

Кинескиот лидер оцени дека високото ниво на односите меѓу двете земји е резултат на зајакната политичка доверба и стратешка соработка, додавајќи дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, потпишан пред 25 години, ги поставил темелите за долгорочно партнерство.

Си порача дека Кина е подготвена да го продолжи и дополнително да го унапреди договорот со Русија, врз основа на принципот на меѓусебна поддршка.

Осврнувајќи се на глобалната ситуација, кинескиот претседател предупреди дека светот се соочува со опасност од „враќање кон законот на џунглата“, нагласувајќи дека во такви услови соработката меѓу Кина и Русија добива уште поголемо значење.

Си Џинпинг, исто така, повика на итен и целосен прекин на непријателствата на Блискиот Исток, оценувајќи дека продолжувањето на конфликтот е неприфатливо и дека преговорите се единствениот пат напред.