Драгана Гунин, режисерка на „Прима фацие“, и Сара Анастасовска, актерка
- Монодрамата „Прима фацие“ и ликот на Теса Енслер го потврдуваат она што, за жал, многу често го гледаме околу нас во секојдневието, дека правдата и правниот систем не секогаш се истото нешто и вистината не секогаш излегува на виделина, а дури и кога ќе излезе, не секогаш се препознава како таква, туку понекогаш се доведува во прашање до степен да се третира како лага, споделува актерката Сара Анастасовска
Mонодрамата „Прима фацие“ повторно ќе се одигра вечерва, во 20 часот, на малата сцена во Албанскиот театар во Скопје. Улогата на Теса Енслер ја игра Сара Анастасовска, режијата е на Драгана Гунин.
„Прима фацие“ за првпат се поставува на театарска сцена во Македонија и ја следи приказната на Теса Енслер, успешна адвокатка специјализирана за одбрана во случаи на сексуално насилство. Нејзиниот однос кон правниот систем почнува да се менува по личен настан што целосно го преиспитува нејзиното дотогашно разбирање на правдата.
Претставата отвора теми што ретко може да останат само на сцената. „Прима фацие“ зборува за согласноста, моќта, родовата нееднаквост во правниот систем и начинот на кој правдата се толкува и доживува.
Подетално за претставата, прашањата што ги отвора таа и за пораката што ја праќа разговараме со режисерката Гунин и актерката Анастасовска.
Што беше Вашиот клучен режисерски порив за поставувањето на „Прима фацие“?
Драгана Гунин: Мојот клучен порив беше потребата да се отвори простор за една веќе не толку тивка, но длабока неправда, онаа што се случува внатре во системите на кои сакаме да им веруваме. Односно потребата од заштита од неправда, потребата таа неправда да биде видена или чуена, да знаеме дека не сме сами и има простор да му се верува на нашето искуство. „Прима фацие“ не е само текст што се чита туку искуство што мора да се помине заемно, да се почувствува, да се чуе и токму таа емотивна и интелектуална спојка ме привлече. Текстот е драматуршки совршен и нуди приказна што не завршува кога ќе се спушти завесата.
Затоа сакав да создадам претстава што не нуди удобност, туку соочување. Претстава што ќе нè оттурне од позицијата на набљудувачи и ќе нè стави во позиција на сведоци (како што и сме според актуелните настани).
Со Ваши зборови, што раскажува „Прима фацие“, каков свет отсликува?
Драгана Гунин: „Прима фацие“ раскажува приказна за судирот меѓу вистината и она што може да се докаже. За моментот кога личното искуство се судира со правниот јазик и почнува да се губи во него.
Тоа е свет во кој правилата на играта се јасно поставени, но не секогаш праведни. Свет во кој системот функционира прецизно, но не секогаш хумано. И токму во таа пукнатина, помеѓу логиката т.е. правната логика и емпатијата, се случува драмата. Односно главната драма се случува поради таа пукнатина.
Какви прашања поставува претставата за позицијата на жената во правниот систем?
Драгана Гунин: Претставата поставува многу директни, но непријатни прашања. Дали системот навистина е неутрален? Кој има моќ да ја дефинира вистината? И што се случува кога телото и гласот на жената треба да се „преведат“ во правен јазик? Што правиме со закони што се оформувани од генерации и генерации мажи?
Отвора и едно суштинско прашање: дали правдата е иста за сите или зависи од тоа кој зборува и кој слуша, кој кого застапува и кој кого знае.
Претставата нема цел да нуди (лесни) одговори и во тоа е нејзината сила. Наместо тоа, ја разоткрива дистанцата помеѓу законската правда и личната вистина, оставајќи ја публиката да ја почувствува таа празнина и да остане со чувството долго по спуштањето на завесата.
Какво театарско искуство ѝ нуди „Прима фацие“ на публиката?
Драгана Гунин: „Прима фацие“ нуди интензивно, интимно и речиси конфронтирачко театарско искуство. Бидејќи е монодрама, нема дистанца, публиката постојано е лице в лице со ликот, со приказната и со сопствените реакции. Не се гледа пасивно, се доживува.
Би сакала публиката да излезе со чувство дека нешто во неа е поместено. Дека не може лесно да се врати во удобноста на „така функционира системот“, затоа што нашето колективно искуство денес кажува поинаку. Сведоци сме на брутална реалност. Затоа, ако понесат едно прашање што ќе продолжи да ги следи и по излегувањето од театарот, тогаш претставата ја завршила својата работа. Можеби не порака во класична смисла, туку чувство, немир. Немир што тера на преиспитување и акција.

Како се подготвувавте психолошки за улога што носи толку тежок и чувствителен товар?
Сара Анастасовска: Подготовката за оваа улога беше долг и слоевит процес и во поглед на истражување и во поглед на лично навлегување во светот на ликот. Од самиот почеток бев свесна дека станува збор за исклучително чувствителна тема, која бара голема одговорност, а таа свесност стануваше сè поинтензивна како што процесот одминуваше.
Токму затоа посветив долг временски период на разбирање на Теса Енслер и на сите нејзини внатрешни трансформации, особено на нејзиниот внатрешен свет откако станува жртва. Жртва на полов напад и на правниот систем во кој дотогаш безусловно и длабоко верувала.
Нејзиниот товар, мислите и емоциите ги барав насекаде. Околу себе и во себе: во животните приказни на луѓето околу мене и моите блиски, во документарни материјали со вистински сведоштва и психолошки анализи, но и во сопствени индиректни искуства, кои како тивки одѕвонувања на одреден начин допираат со внатрешниот свет на ликот.
Но, најмногу од сè, до ликот ме доближија интензивните емотивни проби, благодарение на режисерката Драгана Гунин, која ме водеше низ целиот процес, од почетокот до крајот, низ светот на Теса и сите нејзини емотивни трансформации, особено во делот по настанот, каде што таа станува многу понесигурна, кршлива и ранлива.
Кој дел од трансформацијата на ликот ви беше најпредизвикувачки за изведба?
Сара Анастасовска: Целиот процес на градење на ликот и поставување на монодрамата, од првата читачка проба до самата премиера, беше огромен предизвик. Од совладувањето на обемниот текст и неговото континуирано повторување, преку рачното испишување како дел од процесот на меморизација, до разбирањето на правниот јазик, од наглата трансформација на Теса Енслер од сигурна и самоуверена во несигурна и скршена до создавањето присуство на ликовите што не се видливи на сцената, но постојано се присутни во нејзиниот свет.
Но ако треба да издвојам една конкретна трансформација, тоа е токму фазата во која Теса Енслер е на врвот на правниот систем, како самоуверена, прецизна и навидум недопирлива адвокатка.
Таа состојба на апсолутна контрола врз себе и ситуацијата, на моќ, јасност и сигурност, која не остава простор за сомнеж или слабост, за мене беше најпредизвикувачка за изведба. Затоа што бара дисциплина и прецизност до најмал детаљ, а во исто време мора да се носи свесноста дека токму во таа цврстина се крие и првата пукнатина.
Дали оваа улога го промени Вашиот личен поглед кон правдата и системот?
Сара Анастасовска: Монодрамата „Прима фацие“ и ликот на Теса Енслер го потврдуваат она што, за жал, многу често го гледаме околу нас во секојдневието, дека правдата и правниот систем не секогаш се истото нешто и вистината не секогаш излегува на виделина, а дури и кога ќе излезе, не секогаш се препознава како таква, туку понекогаш се доведува во прашање до степен да се третира како лага.
Законот, обликуван низ генерации, најчесто од машка перспектива, не секогаш остава доволно простор за препознавање и валидација на сведоштвата на жените, особено во случаи на полов напад кај кои нема физички докази.
Но, истовремено, овој драмски текст и оваа улога ми даваат и една мала, можеби тивка надеж дека нешто сепак може да се промени. Токму од фактот што, кога текстот за првпат бил поставен во театарот „Грифин“ во Сиднеј, пред публика составена од правници, адвокати и судии, успеал да предизвика толку силен одек што подоцна придонел кон отворање јавна дебата, подобрување на условите за жртвите во вакви случаи, па дури и промени во законот.
Каква порака би сакале да задржи публиката во себе по монодрамата?
Сара Анастасовска: Монодрамата „Прима фацие“ носи со себе многу силни пораки што допираат до различни групи, од поединци до пошироката заедница, од правници до психолози, од студенти до експерти, од млади девојки и жени до млади момчиња и мажи, од индивидуална до колективна свесност.
Би сакала што повеќе луѓе да ја погледнат претставата и спонтано и искрено да ја откријат пораката што за нив е највистинска и најпотребна во тој момент. Верувам дека секој ќе пронајде барем нешто со кое длабоко ќе се поврзе, нешто што ќе го поттикне да размислува, или можеби и да направи мала, но значајна позитивна промена, дури и ако на почетокот тоа чувство изгледа непријатно.
Колку повеќе зборуваме и размислуваме за темите што ги отвора претставата, толку се поголеми шансите да се придвижиме кон позитивни промени. Затоа што, на крајот, сè што знам е дека „Некаде. Некогаш. Некако. Нешто мора да се промени“.
































