Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои „многу добра шанса“ Соединетите Американски Држави и Иран да постигнат договор што ќе го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје.
Тој посочи дека, на барање на сојузниците од Блискиот Исток, биле одложени за денеска планираните воени напади врз Иран, со цел да продолжат преговорите со Техеран.
Според Трамп, лидерите на Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побарале одложување на воената операција.
-Ако можеме да го решиме ова без бомбардирање, би бил многу среќен – изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека САД и натаму се подготвени за голема воена акција доколку не се постигне договор.
Претходно, Трамп предупреди дека на Иран „му истекува времето“ и дека треба „брзо да дејствува“.
Од Иран синоќа соопштија дека одговориле на новиот американски предлог за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој започна на 28 февруари со нападите на САД и Израел врз Иран. Кревкото примирје е во сила од 8 април.
Сепак, аналитичарите оценуваат дека двете страни и натаму имаат значително спротивставени ставови.
Иранските медиуми објавија дека Вашингтон доставил предлог од пет точки, меѓу кои и барање Иран да задржи само еден активен нуклеарен објект, а резервите на високо збогатен ураниум да ги пренесе во Соединетите Американски Држави.
































