Фото: Пиксабеј

ТРИЛЕР

Жими сите светци, на Ла Гвардија имав државнички пречек. Десетина луксузни „кадилаци“ и една глутница ништожници со голем арсенал оружје. Дождливи облаци над Њујорк, мрачни лица чија професија беше крадење човечки души, напнатост до излудување. Не беше едноставно да се соочите со човек што имаше до бога незгоден карактер. Тоа беше шефот на мафијата што оперираше од атлантскиот брег, па сѐ до американскиот Среден Запад, човекот од кого им мрзнеше крвта на многумина што се обидуваа да станат она што со децении беше тој. Можеби нема да ми верувате ама јас во тој миг бев растревожен како мало учениче пред страшниот учител.
За среќа, мене друштво ми правеше мојот consigliere (советник по многу прашања), кој беше исклучително професионална личност со нерви како ортоми. Неговата самодоверба лесно се пренесе и врз мене. Освен него, со мене допатува и мојата генијална секретарка Ребека Колинс. Таа беше уште еден столб од мојата административна хиерархија врз која можете слободно да се потпрете и притоа да не почувствувате никакви последици. Нивниот заеднички совет беше да не водам со себе пиштолџии бидејќи со тоа сигурно би ја усложнил целата ситуација.
– Милионче зелени парченца и сметај дека ова брзо ќе го заборавам како инцидент, Марио – беше конкретен дон Бруто откако се сместивме во фоајето на аеродромот.
Го погледнав откосо:
– Ти не си со сите, човеку!
– Или… – тој намерно запре испитувајќи ме со крупните калеши очи.
-… Или што?!
-… Или исто толку како аванс за акцијата, која може да ни го збогати контото за по 10 милиончиња, Кавалканте. На претстојните избори за гувернери, нашите шанси ќе скокнат до небото!
„А, така значи, си помислив“.
– Впрочем, зошто Пјетро Кабуза да биде поуспешен од нас двајцата – во дел од секундата го видов ишаретот што ми го даде мојот советник и веднаш ја прифатив играта. Дискретно, се развлекоа и усните на Ребека Колинс.
Тука настапи молк и јас видов како дон Кабузо слатко се насмеа. Тој со задоволство си го чешкаше разголениот мев, кој наликуваше на тапан.
– Се мачевте со мојот авторитет, нели? – Е па, ова претставува вистинско задоволство за мене. Колку се убави временските дистанци за да се разоткријат некои тајни.
– Во право си – го поддржав. – Да продолжам?
– Ама, секако, човеку – инсистираше дон Кабузо. – Ова е сторија што го разгорува моето љубопитство!
– Вие секако ја помните неговата физиономија, момци. Имаше крупни жабечки очи, големи клапушести уши и подвиткана брада. Вистинска грдотија. Но во него имаше дух колку ние сите заедно. Потврдата од страна на мојот советник ме внесе во играта што можеше да ми донесе милиони на моето конто. Колумбиските картели имаа свои насушни потреби од оружје и пазар, како и од канали по кои нивниот прашок непречено ќе стигне на пазарот за наркотици во САД. Мое беше да ги насочам своите дејствија кон армискиот естаблишмент со кого имав неретко успешни договори. Моето влијание таму беше од исклучителна важност за успешна операција каква што планиравме. Без да сака, можеше силно да ме вивне кон самиот врв на успешна приказна.

– Тогаш, да фркнеме понекој француски коњак – предложи радосно. – Не верувам дека си пиел нешто посочно од семејството Мартел?
Послугата донесе карактеристично шише што личеше на гускин врат и наточи во чаши од Риделов кристал.
– Ова ми е подарок од деловен партнер од Марсеј – се пофали дон Бруто и слатко ги натопи усните. – Мммммм….!
– Навистина величествен пијалак – бев сосема искрен, а со мене се согласија и Ребека Колинс и мојот советник. – Се надевам дека нема да го сокриеш шишето.
Тој удри во смеа и одмавна со месестата дланка додека кај мене со одминување на минутите полека спласна. Навистина, коњакот како да се претвори во сируп со чуден вкус.
*
Само што стапнавме на аеродромот, мојот и така пречувствителен стомак го навтасаа страшни грчеви. Истото им се случи на моите сопатници. Ребека Колинс прва се втурна во тоалетот за дами. За нас двајца беше проблематично бидејќи сите машки тоалети беа зафатени. Кога моите ’ртови видоа дека ние се празниме стоејќи и дека изметот почна да ни се цеди низ ногавици, се растрчаа и со револвери во раце веднаш ги испразнија тоалетите. Но беше доцна. Дон Бруто успешно си ја оствари својата замисла, а чекалницата труеше од смрдеа. Од сите страни до нашите сетила допираше придушена, но и гласна смеа.
– Знаеш што – му се обратив на мојот консилиере, кој личеше на покиснат гулаб и почнав да се смеам како луд – добро поминавме. Можеше лесно да нѐ потруе!
Ребека Колинс ми се придружи. Таа ја прифати смеата и почна да се држи за стомак. Имаше и зошто.
– Замислете си – се кинеше од смеа и мојот косилиере – воопшто не го ни почувствував рицинусот во коњакот. Навистина умешно!
Кавалканти не можеше да продолжи понатаму. Тој постојано ги бришеше солзите што му потекоа со интензитетот на смеата. И босовите не можеа да му одолеат на овој наплив од смеа. Дури и дон Вилароса познат по тешко изнесување пред јавност на сопствените емоции не остана имун на сето тоа што се случуваше околу него. Расположението го доживеа својот врв. Пјетро Кабуза, пак, како да се најде во прединфарктна состојба. Тој стана и се оддалечи од столот за да го одбегне најстрашното; умирачка од смеење!
Откако се потсмири, дон Кавалканти продолжи понатаму:
– Но немојте да мислите дека ова беше сѐ, господа!
– Ајде…? – ја искриви шијата дон Вилароса.
– Да, така е – потврди Кавалканти – мојата приказна не е завршена. Бруто не помина неказнет, без реванш што си го заслужи. На следната средба на која патем требаше да го расчистиме есапот од зделката со кокаинот, побарав од Ребека Колинс да ми најде еден твор.
При самото споменување на ова животно, околу столот повторно пламна смеа. Убаво можеше да се забележи како на градинарот, освен сламената шапка што му паѓаше над очите, почна да му игра и целото тело. Кастрејќи ги розите, имаше можност да ја слушне целата случка.
– Мојот советник интервенираше кај менаџерот на персоналот од елитниот хотел во кој престојуваа дон Бруто и неговите – продолжи Кавалканти по бурата. – Животинката му беше ставена во една од патните торби. Штом се вратиле назад во апартманот на дон Бруто, ги пречекало големо и непријатно изненадување. Творот предизвикал таква мешаница, каква што персоналот на хотелот не паметел. Вратата била претесна за низ неа да се проврат нашиот пријател и неговите момци. Долго време низ ходниците и во салите одекнувала смеата на луѓето што дознале што се случило во апартманот на дон Бруто.
– Извонредна приказна, дон Кавалканти – дон Фето му ракоплескаше на нараторот, а тоа го направија и другите. За кусо време степенот на расположение се искачи на завидно ниво. Тоа како да беше увертира во нешто уште поинтересно.

Роберт Торн