Имињата Рајан и Брајан не се само странски туку и македонски

Знаменитостите на Македонија

  • Кога мојот другар Драган ми рече дека син му се вика Рајан, мојата прва реакција беше речиси инстинктивна: па вие сте го крстиле детето по американскиот глумец Рајан О’Нил, главниот лик од оној култен филм „Љубовна приказна (Love story)“ од раните седумдесетти години на минатиот век, кого нашите мајки го обожаваа… Не! ‒ отсечно ме прекори мојот другар, кој, одвоен од татковината, станал многу поголем патриот од сите нас што живееме во неа. Потоа, со она познато скопско намигнување, ми дофрли: македонско е, професорке. Провери си!

Не можев ни да претпоставам дека и мене, при крајот на мојот работен век ‒ се разбира, без никаква претенциозност за споредба ‒ ќе ми се случи нешто слично на она што му се случуваше на големиот наш учител Блаже Конески кога, пред крајот на својот живот, ја објави книгата „Македонски места и имиња“. За што, всушност, станува збор? Во споменатата книга, Професорот раскажува дека, поради оштетениот вид, сè потешко можел во континуитет да чита подолги текстови, па својата жед за читање ја надоместувал со читање имиња на луѓе и места во турските пописни дефтери по санџаци, од периодот меѓу XVI и XVIII век.
Во некој свој, тивок и личен манир, и јас сè почесто се фаќам себеси како секоја вечер, пред спиење, со страст на вљубен тинејџер ги прелистувам публикуваните топономастикони по одделни области на Македонија во нејзините етнички рамки, потоа „Речникот на личните имиња“ од мојата менторка д-р Љубица Станковска, како и „Речникот на презимињата кај Македонците“ од колегите Трајко Стаматоски (редактор), Маринко Митков, Олга Иванова, Марија Коробар-Белчева и тогаш асистентките, денес научни советници, д-р Мери Јосифовска и д-р Весна Миовска.
Овој порив кај мене се роди по еден разговор, при една случајна средба на скопскиот аеродром, со еден мој драг пријател од младоста, кој веќе четириесет години живее и работи на Малта. Тогаш, во разговорот, од него го дознав името на неговиот син единец, роден во брак со Малтежанка.
Не можев ни да претпоставам дека токму од тоа едно единствено машко име ќе започне мојата потрага по старите македонски имиња ‒ имиња што во современата јазична свест често се доживуваат како туѓи, модерни или несвојствени, а всушност имаат длабоко словенско потекло.
Кога мојот другар Драган ми рече дека син му се вика Рајан, мојата прва реакција беше речиси инстинктивна:
‒ Па вие сте го крстиле детето по американскиот глумец Рајан О’Нил, главниот лик од оној култен филм „Љубовна приказна (Love story)“ од раните седумдесетти години на минатиот век, кого нашите мајки го обожаваа…
‒ Не! ‒ отсечно ме прекори мојот другар, кој, одвоен од татковината, станал многу поголем патриот од сите нас што живееме во неа. Потоа, со она познато скопско намигнување, ми дофрли: македонско е, професорке. Провери си!
Се разбира, бидејќи речникот не ми беше при рака, бев оневозможена за брза проверка. Но, откако уште еднаш го препрашав дали е сигурен дека станува збор за македонско име, во мене веднаш се разбуди истражувачот.
Топономастичарот во мене го победи антропономастичарот и речиси со стопроцентна сигурност заклучив: мора да станува збор за профилактичко, заштитно име! Во основата се наоѓа прасловенската лексема *рај со значење „блато, кал“, врз која своевремено мошне минуциозно се осврна хрватската ономастичарка Дуња Брозовиќ-Рончевиќ. Таа етимонот на овој географско-хидрографски апелатив го поврза со индоевропскиот корен *erei- во значење „тече, тек“, повикувајќи се и на толкувањата на Трубачов. Имено, Трубачов го обработува односот *rajь ~ *rojь ~ *rĕka и смета дека може да се реконструира првобитното значење ‘она што му припаѓа на водниот тек, што се наоѓа преку или под водата’. Ваквото толкување се поврзува и со старите словенски верувања дека светот на мртвите се наоѓа „преку водата“, што на овој хидронимски корен му дава не само географска туку и митолошко-симболична димензија. Во прилог на тоа оди и фактот што станува збор за еден од најстарите и најраспространети хидронимски корени на индоевропско ниво, одразен и во санскритското raya со значење ‘тек’, како и во прасловенското *rĕka.

Но помислата дека во основата на името Рајан, можеби, и не се крие лексемата рај со значење ‘блато’, која стои и во основата на тиквешкиот топоним Раец, туку лексемата рај со значење ‘прекрасно место каде што по смртта престојуваат душите на чесните и праведните’, ме расколеба во првичната увереност дека името е профилактичко. А кога мојот пријател ми дополни дека името го пронашол во списокот на стари македонски имиња во православниот календар за годината кога се родило детето, мојата потрага тргна во сосема друга насока.
Час подоцна, во авионот, ми се случи онаа позната „еурека“ што барем еднаш му се случила на секого што се занимава со наука. Во миг заборавив и на Брозовиќ, и на Трубачов, и на тиквешки Раец. Почнав низ глава да ги одмотувам сите можни имиња и презимиња на коренот Рај-, па ми се појавија и Рајко Жинзифов, и поетот за деца Рајко Јовчевски, и колешката од Институтот за македонска литература, д-р Билјана Рајчиновска.
Тогаш сè си дојде на своето место! Нашиов Рајан е образуван од коренот *Рај(o)- и антропонимискиот суфикс -ан, како во имињата Горан, Зоран, Ведран, Владан и сл. Рајo, е хипокористична форма изведена од првиот отворен слог на сложените имиња Радомир, Радослав, Радогост, Ратомир и др. (Сп.: Пајо од Павел, Павле; Мајо од Марко, Макариј, Максим; Дајо од Дамјан, Данаил и др.). По ова, веќе и немав потреба да проверувам во речникот. Речиси бев убедена дека токму по таа патека се движело образувањето на името Рајан.
Единственото што, сè уште, не можев со сигурност да го кажам ‒ и за што ми требаше потврда од речничката граѓа ‒ беше векот во кој ова име првпат било засведочено во македонскиот личноименски фонд. Четиринаесеттиот век. На сличен начин, само век подоцна на македонска јазична почва настанало уште едно „странско“ име Брајан, во чие формирање со суф. -ан учествува хипокористикот Брајо образуван од сложените имиња Братислав, Братимир и др. Од истиот корен Брај- е изведено и: личното име Брајче (< Брај(о) + -че), а од него, пак, л.и. Брајчин (< Брајч(о) + -ин), кое се нашло во основата на во основата на ојконимот Брајчино, село во Преспанско; како и личното име Брајко (Брај(о) + -ко), кое се нашло во основата на презимето Брајковски. (И двете имиња се засведочени во Речникот на личните имиња кај Македонците од д-р Љубица Станковска од 1992 г.: Брајан на стр. 48, а Рајан на стр. 234).

д-р Елка Јачева-Улчар