Македонската стрип-цртачка и илустраторка Славица Купенкова, позната под уметничкото име Дона да Видра, ја претстави Македонија на 11. Меѓународен фестивал на стрип и фантастика во Сомбор. Како што информира македонскиот промотор Томе Трајков, таа на овој реномиран регионален настан се претстави со својот најнов графички роман и со комплетната авторска работа.
Купенкова е веќе афирмирана и наградувана стрип-авторка на домашната и меѓународната сцена. Самиот фестивал во Сомбор, Србија, традиционално ги здружува најистакнатите автори, сценаристи, издавачи и вљубеници во стрипот од регионот и од цела Европа, нудејќи богата програма посветена на стрипот, фантастиката и на современата уметност.
Македонската уметница учествуваше на панел-дебатата „Жени во современиот стрип: перспективи и искуства“ и официјално го претстави својот графички роман пред интернационалната публика.
Творештвото на Купенкова е препознатливо по успешните соработки во регионот и дома. На фестивалот беше актуализирана нејзината работа со српскиот сценарист Иван Вељковиќ, како и долгогодишната плодна соработка со македонскиот стрип-сценарист Ѓоре Ѓелев, со кого заедно ги потпишуваат популарните домашни изданија „Супер Обичниот и Непредвидливиот“ и „Зад затворени врати“. Дополнително, Купенкова е позната во јавноста и како еден од основачите на влијателната групација „Стрип центар-стрипот може!“, која активно работи на развојот и промоцијата на деветтата уметност.































