Од ракометното минато (23)
- Во втората прволигашка сезона, на Работнички во елитното друштво му се приклучи и месниот ривал Графичар, кој, пак, поради неправилна регистрација на еден играч беше казнет со три натпревари неиграње
Ракометната сезона 1959/60 ќе биде запаметена во македонската ракометна историја по тоа што Скопје, покрај Работнички, доби уште еден прволигаш во името на Графичар. Ова беше пријатно изненадување за љубителите на ракометот, оти покрај Загреб и Сараево – Скопје стана третиот град во државата со два прволигаша. Меѓутоа, мора да се каже оти радоста кај „графичарите“ уште пред почетокот во новата сезона беше поматена со еден драстичен потег од страна на Ракометниот сојуз на Југославија. Имено, Дисциплинската комисија на РСЈ од непознати скопски извори добила информација оти на квалификацискиот турнир за Првата лига во Нови Сад, во тимот на Графичар се појавил играч се непрописна регистрација. Од каде и како стигнала оваа информација до Сојузот никој не знае, но за сето ова првиот човек во раководството на „графичарите“ и секретар на РСМ, Ацо Ангеловски, го обвини месниот ривал Работнички. Наводно некој од таборот на „железничарите“ пријавил до РСЈ оти ракометарот Владимир Шахов немал право да игра поради неправилна регистрација. Ангеловски заедно со управата на Графичар тврдел дека сета работа потекнува од Славко Матовски, што беше многу зачудувачко, особено ако се знае дека токму тој човек беше таткото на ракометот во Македонија. Без докази да се обвинува една спортска величина беше некоректно и дрско. Како и да е, во тие денови кога се решаваше за судбината на Графичар, токму таа спорна регистрација на Шахов беше главна тема за дискусија во спортските кругови. Како и да е, и таа непријатност помина, Графичар беше промовиран во нов прволигаш, но истовремено и казнет со три натпревари неиграње. Тоа нормално се одрази и на целокупната атмосфера во клубот, а почетната еуфорија и радост за успехот во квалификациите ја снема. Сега ракометарите беа на потег, зашто нив ги очекуваше тешка борба за зачувување на прволигашкиот статус. Сите беа свесни оти тоа ќе оди многу тешко, но од ситуацијата во која се најде клубот немаше бегање.
Меѓутоа, сите случувања околу Графичар и нападите врз Работнички влијаеја и врз атмосферата во таборот на „железничарите“. Тие беа разочарани и не можеа да се помират со обвинувањата, особено ако се знае дека ракометарите од двата клуба беа добри другари, а и повеќето од нив потекнуваа од иста гимназија!
СЛАБ СТАРТ НА РАБОТНИЧКИ
Ракометните љубители во Скопје, по влегувањето на Графичар во Првата сојузна лига, беа поделени. Меѓутоа, повеќето од нив беа наклонети кон Работнички, оти тој беше клубот што ја одржуваше ракометната тензија. Графичар беше квалитетен, но сѐ уште не го имаше достигнато нивото на Работнички. Голема предност за „железничарите“ беше што беа многу поискусни од својот „помлад брат“.
Откако почнаа прволигашките натпревари се заборави на оние претходни препирања меѓу двата клуба и сега концентрацијата беше насочена кон игрите и освојувањето бодови. Со оглед на новонастанатата ситуација и казната, Графичар во првите три кола немаше можност да ги претстави своите квалитети пред своите симпатизери. Тие доколку сакаа да присуствуваат на прволигашки ракомет – сакале или не – повторно таа можност им ја даваше Работнички! На „графичарите“ не им остана ништо друго, освен да го чекаат четвртото коло.
Работнички, пак, во првото коло, според распоредот, ѝ гостуваше на Црвена звезда. Белграѓаните беа наострени за стартот во новото првенство, но сепак и покрај големата желба за уверлива победа, тоа не им се оствари. Работнички одигра во Белград цврст натпревар и не сакаше лесно да се предаде. Впрочем и конечниот резултат – победата на Црвена звезда го потврдува тоа, 12-10. Тоа е мала разлика ако се земе предвид она што го најавуваше тимот на Рагуш и Цвиетиќ, двата најекспонирани играча на Црвена звезда. Меѓутоа, треба да се истакне дека и овој пат Работнички беше оштетен од судијата Плазек, кој и на неколку меча во претходната сезона судеше на штета на скопскиот тим. Кога на овој последен дуел веќе претера со своето пристрасно судење, скопјаните поднесоа жалба и бараа од судиската комисија на РСЈ веќе да не го делегира Плазек за делење (не)правдата на нивните средби.
ПО ТРИ ПОРАЗИ, КОНЕЧНО ПОБЕДА
Многу лошо за Работнички беше што во второто коло пред својата публика го очекуваше големиот фаворит и актуелен шампион Борац од Бања Лука. Матовски и неговите играчи беа свесни оти од овој дуел не можеа да очекуваат ништо позитивно и затоа со мислите беа насочени кон следните мечеви. Но и во нив не полагаа многу надежи зашто во следното коло ѝ гостуваа на Босна, а потоа на свој терен се среќаваа со Млада Босна. Тогаш за да се спаси што може да се спаси, била направена стратегија на гостувањето во Сараево тимот многу да не се троши за да може подготвен да го дочека вториот сараевски прволигаш Млада Босна. И навистина овој тактички момент се покажа како исправен – од мечот со Борац ништо не се очекуваше и скопјаните беа поразени пред своите гледачи со 6-13. На следниот меч против Млада Босна, со оглед на тоа што однапред како да се предадоа и заминаа во Сараево да одиграат само формално, поразот беше неизбежен и изразен дури со 19 гола разлика, 30-11.
Конечно во четвртата средба во Скопје против Млада Босна беше извојувана првата победа, и тоа со уверлив резултат, 26-15. На оваа средба Никола Матовски со осум гола беше најефикасниот кај Работнички, а треба да се истакне дека токму на овој натпревар се појави една нова звезда кај Работнички во името на Брзовски. Тој беше стрелец на два гола и, што е многу значајно за секој дебитант, тој со големи симпатии беше прифатен од навивачите.
РЕМИ НА ГРАФИЧАР СО ЦРВЕНА ЗВЕЗДА
Љубителите на ракометот со големо нетрпение го очекуваа четвртото коло, во кое по издржаната казна, требаше на прволигашката сцена да зачекори и тимот на Графичар. За првиот старт во најсилната конкуренција, убаво се сеќава и познатиот спортски новинар Миодраг Мицковиќ. Многумина кога ги пишувам овие редови можеби ќе бидат изненадени, но мојот долгогодишен другар и колега, со кого неколку години работевме заедно во спортската редакција на „Нова Македонија“, беше еден од најдобрите голмани во Македонија. Тој ја почна кариерата во Партизан 8, екипа што беше формирана во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Овде имаше уште една екипа со исто име Партизан, но со друг број, 7.
– Овде имавме скромни услови за тренинг, па затоа кога се укажа првата шанса, сите ние ракометарите од Партизан 8 минавме во новоформираниот клуб Графичар, во кој се приклучија и играчите на Борац, па така, се создаде една цврста екипа. Впрочем и самото влегување во елитното друштво е потврда за тоа. Ние го демонстриравме својот квалитет и на квалификацискиот турнир во Нови Сад, кога успеавме да ги совладаме сите ривали – Војводина, Ловќен и Сплит. Токму од оваа причина, скопските љубители на ракометот одвај чекаа да нѐ видат на прволигашката сцена. Прв противник во четвртото, кое за нас всушност беше прво коло, ни беше Црвена звезда. Со оглед на прволигашкото искуството, белграѓаните беа фаворити. Но ние бевме особено мотивирани, влеговме храбро во игра и на крајот се радувавме на првиот бод, ремизиравме со апсолутниот фаворит. Ова реми предизвика многу коментари, особено надвор од Македонија, оти голем дел од ракометната публика во поранешната држава до овој прволигашки настап малку знаеше за нас – вели Мицковиќ.
Мицковиќ убаво се сеќава на тоа време.
– Иако влеговме во Првата лига, во клубот речиси ништо не се смени, зашто толкави беа можностите. Тогаш, за наша среќа, како спонзори се појавија „графичарите“, па со нивна помош, барем беше обезбедено она основното – патувањата, опремата и толку. За некоја хранарина, премии и сѐ друго што имаа прволигашите, ние можевме само да сонуваме. Дури и тренерот Раниќ без надомест како аматер работеше со нас. Но сепак бевме задоволни, ентузијазмот и другарството нѐ држеа, а некој повисок спортски резултат не можеше да очекуваме – се присетува Мицковиќ.
Кај Мицко, како и кај другите ракометари на Графичар, основно беше да се игра и да се почувствува прволигашкиот шмек. Исто така, со нетрпение се очекуваа дуелите со месниот ривал Работнички, кој веќе имаше и едногодишно искуство во Првата лига.
– Ние бевме охрабрени што во Графичар дојде еден од најдобрите македонски ракометари, Зафир Куновски. Тој имаше куса, не толку успешна епизода во Црвена звезда и наместо во матичниот Работнички, кога се врати од Белград заигра за нас. Кога го споменав Куно, редно е да ги кажам и другите играчи: Павичиќ, Франовиќ, Марјановиќ, Богдановски, Шахов, Петрески, Ристоманов, Микиќ, Васиљевиќ и Ивановски. Повремено се појавуваа и други лица, но овие што ги споменав беа главните носители на играта – додава Мицковиќ.
За мечевите со Работнички и возбудата што тие ја носеа, низ сеќавањата на Миодраг Мицковиќ, ќе читате идната недела.































