МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА: МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Остануваат уште неколку месеци до Денот на независноста на Република Македонија, младата држава на европскиот континент. Републиката што се наоѓа на територија каде што поминале многу светски војски, патници – намерници, измамници, трговци, патописци, истражувачи и кој ли уште не. Од оваа територија потекнуваат и повеќе големи имиња во туѓи истории – војсководци, владетели, научници. Современата наука потврдува дека овде луѓето живееле и пред речиси десет илјади години. Младата Република Македонија на крстосницата на големите патишта што спојуваат континенти претставува остварување на желбите и надежите на многумина, кои за себе знаеле дека се само – Македонци. Романтично потсетува на антиката и древноста, а мистериозно буди мисли за животот во прастарите човечки ери и епохи. Клучот на светот, или зарѓаниот катанец заклучен пред период што немаме капацитет да го спознаеме. Затоа што времето е спираловидно, а не линеарно.
Во чест на создавањето на младата Република Македонија, на различни јубилеи беа направени повеќе чествувања, прослави и обележувања на Денот на независноста. Во неколку наврати беа направени обиди за препев на автохтони македонски песни во современ аранжман, но (со чесни исклучоци) од оваа временска дистанца веќе се прашуваме дали вибрацијата што тој модерен начин ни ја пренесува навистина е македонска? Гледаме еден куп документарни филмови, од кои повеќето (освен ретките креативни и квалитетни дела) не успеваат да го предизвикаат размислувањето на образованиот гледач во креативна насока, туку повеќе кон помислата – зошто баш на ваков начин некој се обидува да ни го претстави минатото и дали се свесни за застранувањето од она што навистина претставува македонско минато? Кога ќе влеземе во музеите низ републиката, ретко каде можеме да дојдеме до информација за артефактите, кои низ годините во повеќе извори се запишани дека се чуваат баш во тие музеи, а набљудувајќи го изложеното, нема како, а да не се запрашаме – зар само ова се материјални примери од нашето минато и зар намерно акцентот на минатото е ставен врз присуството на Рим во Македонија? Восочните фигури на големите личности од пред нашата ера само го потврдуваат сомнежот за присуството на интенција за минимизирање на вистинската величина на нашето минато. При посетите на дел од многуте објекти коишто официјално се сметаат за културно наследство, во очи ни боде видливата човечка негрижа за истите тие. Поминувајќи и/или престојувајќи во македонските села и малите гратчиња низ републиката, очигледно е дека времето е спираловидно, а не линеарно – таму како времето да застанало кон крајот на минатиот век, а секое ново дејствување личи само на евтина маска и замачкување очи…
Во меѓувреме, во младата република се продадоа речиси сите објекти, капацитети и ресурси што во претходната држава биле во чекор со времето кога се користеле. Денес тоа продолжува така што на некои места почнаа да се продаваат и парковите, старите одморалишта, училишта. Зачудуваат бројките на населението во македонските општини и вработените пред три децении во однос на она што го живееме сега, иако одамна немаме јасна претстава за сопствениот број. Како што минуваа годините, сопственоста врз она што можеше да биде стабилна потпора на младата македонска економија повеќе пати беше променета, а во многу наврати заврши кај банките. Приватизирање на крајот на еден век, а присвојувањето продолжи до најдребно ниво – ги однесоа и старите кујни, садови, машини, алати, а за цените никогаш и не дознавме. Преминот во новиот милениум само најави легализација на големата купопродажба од крајот на претходниот и појавување на нов систем на општествено управување – каде што оние што се богати ќе бидат сѐ побогати, а сиромашните, секако, ќе го кркаат подебелиот стап. Затоа што така требало и тие што управуваат биле умни и се грижеле за сопствениот народ. „Мижи Митре, толумби паѓат“. Ни народот ги чувствува како свои, ни пак тие сочувствуваат со Македонците. Затоа што она што ни се претставува како реалност воопшто не е реално, а вистината е заменета со искривената слика од вистинитоста. Не за џабе, сѐ уште се пребројуваме со колку души наместо колку луѓе. Скиваш, муклес. Како што минуваа годините, се појавуваа и нови верски објекти. На територија со толку голема традиција, доколку живеевме во нормална држава, можеби тоа и би било оправдано, иако се појавува прашањето – а што е со заштитата на старите и она што сѐ уште безбедно чека под земјата? Старите спортски игралишта некаде се обновија, но на повеќе места останаа нечепнати, па остареа побрзо. Како замена ни беа понудени спортски сали коишто сами сведочат за сопствената судбина, времето ги зеде во немилост и старите базени, дури и водата од реките почна да се повлекува побрзо. А науката веќе докажа дека водата е свесна за сѐ што се случува околу неа. Недостигот од вода за пиење којашто нема да му штети на човечкото тело и присуството на доволно вода за цел свет под ова мало парче земја, претставуваат парадигма којашто допрва ќе треба да ја погледнеме од различни точки на перцепција. Многуте антени, предаватели и секакви чуда, поставени по ридовите и зградите предизвикуваат прашања поврзани со зачестените сурови болести во последните децении. Купувањето жито од соседни земји додека скапува нашето, недостигот од старите семенски сорти, отсуството на културите што растеле од оваа земја до пред само неколку децении, се само дел од огромниот парадокс во кој живееме. Палимпсест. Дали сме доволно независни за кротко и достоинствено да го прославиме Денот на нашата современа независност? Суверено ли сме владеени во младата република или само сурово? Помина ли доволно време за промена на генерациите, па од сѐ помалиот број живи и здрави Македонци, присутни во републиката, може да се појави група што поткрепена од знаењето и искуството на највозрасните може да донесе троа малку мир и достоинство за обичниот македонски народ? Затоа што гордоста и суетата не се карактеристики на луѓето коишто живеат овде, туку само на малкуте отпадници од сопствениот род, а секако дека имаат митолошки, дури и религиски карактеристики, и можат да донесат само пад, а никако воздигнување. Духот на борбата за слобода полека, но сигурно, се крие зад егзистенцијалниот страв, а душите што го живеат премрежето веќе појасно можат да се поврзат преку маката на секојдневното битисување. Колку македонски души останаа во Република Македонија? Одекнуваат срцата на иселените од родната грутка. Шепотат духовите на древните жители на овие простори. Папокот на светот стигнува до времето на апсурдот, па можеби и ќе роди нов светски поредок на вистинските човечки вредности.
Оние што ни беа сервирани како современи владетели, заедно со сите нивни експоненти до најниските ешалони, во последните три и пол децении, комплетно покажаа дека не треба да веруваме на сопствените чувства, туку на она што тие ни го говорат. Веќе две и пол децении трае нискобуџетниот филм на современата република, во која одамна граѓаните не се еднакви, а правата заборавени. Она што останало како непишан кодекс од предците се памети и почитува од ретки живи и здрави Македонци. Меритократијата и самоодржливоста се единствен начин за опстанок на она малку што остана на народот и враќањето кон вредностите поради кои сите наши претходници преживеале треба да се случи што побрзо, додека модерниве не успеале да нè продадат сосе партали. И едните, и другите, и третите, и ентите. Доста создававте егрегори и повикувавте ентитети. Секако, претеравте со потценувањето на Македонците, па многумина се иселија, голем дел умреа, а малкуте останати немаат друг избор, освен борба за иднината на сопствениот род. Доколку му мислите добро на македонскиот род и народ итно ќе го ослободите од јаремот на политичките манипулации, ќе овозможите она што е на народот да служи само и само во негова полза, ќе се свртите кон самоодржливост наместо кон лихвите на странците, а за сè понатаму ќе дејствувате според реалната состојба во која се наоѓаат Македонците. Оти времето си минува, јазолот е и повеќе од заплеткан, а бидејќи народот е државата, тој си го бара своето право – да живее мирно и достоинствено на сопствената грутка и да овозможат здрав живот за своите потомци, за кога ќе си отидат од овој свет, да знаат дека Македонија преживеала и слободно ќе продолжи да живее…
• од книгата „Имагинариум – Имагинариумот на Доктор СонЅе“
(продолжува)
М-р Никола Ристевски
































