Научната фантастика не е само поглед кон иднината, таа се врзува и со минатото, особено со идеалистичката парадигма за минато, кое било зенитот на развој на човечката цивилизација и мисла, а од која точно, праволиниски се следи историската декаденција. Ниту еден научнофантастичен расказ не може да биде критички, на пример дистописки, ако не го има предвид, во семиотската заднина, утопизмот.
Утопијата како слика за идеално општество го создава антиподот на општество какво што ни се претставува во научнофантастичните сценарија, за читателот или гледачот да може да ја обезбеди критичката вредносна позиција за тоа што е добро/лошо, убаво/грдо.
Услов да постои конечна декаденција, распад, апокалипса и постапокалипса, е да се замисли едно општество во идеално време, кое било најоптимално за човекот. Оваа идеја воопшто не е нова, историски таа се повторува во многу теории. Прв за декаденцијата низ времето говори Хесиод во „Дела и дни“.
Тој разликува златна доба, како врвна парадигма на време, каде што луѓето имале висока вредност и човечкиот живот значел многу, за низ времето да следуваат – сребрената доба, бронзената доба, време на хероите и на крајот железно време, токму она во кое ние денес живееме. Преку вредноста на металите и етичката вредност, Хесиод ја определува вредноста на човечкиот живот низ историјата, при што тој во текот на својот историски континуитет сѐ повеќе ја губи својата највисока цена.
Втор пример за парадигмата на златното време, или една утописка реалност од каде што започнува декаденцијата, е присутен во Библијата. Првородениот Адам и првата жена Ева живееле во Едемот, по протерувањето од Едемот, започнува човечката декаденција, а како што се наведува во Светото писмо, човечкиот живот трае сѐ помалку.
Свети Аврелиј Август, исто така ја подразбира идејата за златната доба од каде што започнала човечката декаденција сѐ до конечноста на светот. Како христијански мислител, Августин смета дека светот е создаден, но и конечен, а неговата конечна декаденција ќе дојде со страшниот суд.
Од современите теории, ваквата концепција се среќава во делото на Марсел Пруст, кој својата најпозната книга ја нарекува „Потрага по изгубеното време“. Според Пруст, човекот е во постојана потрага по некое време што било идеално, од каде што, некаде низ историјата се изгубиле карактеристиките на тоа време, но не и човечкиот стремеж повторно да живее во него.
Да може научната фантастика да биде идеалистичка и да го реактуализира прашањето за човековата позиција во космосот (термин на Макс Шелер), таа мора да ја подразбира парадигмата на едно идеално изгубено време, од каде што започнува распаѓањето до конечниот приказ на крајната точна во која се соочуваме со сопствениот пораз како човештво. Токму затоа, научната фантастика не треба да се чита само како литература за иднината туку и како длабоко филозофска потрага по изгубената смисла, вредност и достоинство на човекот низ времето.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов
































