Обединувањето на Вреди (Влен) продолжува, но на ново ниво… регионално, трансгранично, сеалбанско…

  • Политичката коалиција Вреди деновиве во Скопје одржа конгрес за обединување на петте политички субјекти во едно политичко тело. Процесот на обединување на партиите од коалицијата, која е дел од владејачкото мнозинство, беше потврден на нивниот конгрес што се одржа изминатиов викенд во Македонската филхармонија. Симболично, Вреди во домот на Македонската филхармонија почна по свои ноти да ја интерпретира „Симфонијата на обединувањето“, но во некоја раштимана џез-верзија. Од изјави на нивните лидери, не може, а веднаш да не се заклучи дека таа „симфонија на обединување“ не е политички проект со кој се сака да се надмине македонската општествена фрагментација за да се изгради една нова и широка општествена кохезија, туку напротив!
  • Многу е очигледно дека со овој проект Вреди сака да изгради уште една етнички профилирана структура што ја гледа државата низ призмата на етнички политички кампуси. Ако во пишувањето пред некој ден на 10.5.2026 година во нашиот весник, по одржување на Конгресот на Вреди (Влен), како последица од нивните изјави, ставови и реферати, отворивме реална дилема за тоа дали Вреди (Влен) понуди визија за држава или нова формула за поделби, денес, со првото постконгресно јавно соопштение, веќе работите стануваат многу појасни. Во продолжение следуваат нашата анализа и новинарска аргументација на ваквиот став

СЕГМЕНТАЦИЈАТА НА БАЛКАНОТ СЕКОГАШ ПОЧНУВАЛА СО „ДОБРИ НАМЕРИ“: ОД ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА ДО ЕТНИЧКИ ТЕРИТОРИИ

Балканската лекција што Македонија не смее да ја заборави

 

  • Во поранешна Југославија, федералниот модел првично беше претставуван како механизам за рамноправност и стабилност. Но со текот на времето, републиките и автономните единици постепено почнаа да се доживуваат како засебни политички и национални простори. Наместо интеграција, федералниот систем произведе паралелни национални центри на моќ. Кога централната држава ослабна, тие центри веќе беа подготвени за политичко одвојување. И не само во сложените држави. Историјата е преполна со вакви примери кога етничкиот принцип станувал поважен од државниот, дури и за држави со унитарен карактер, резултатот бил нестабилност, сегментација и постојана политичка криза. А Македонија сигурно не го сака тоа

На Балканот, федерализацијата речиси никогаш не започнувала со отворено барање за поделба на државата. Таа секогаш доаѓала постепено, внимателно, во фази. Прво како приказна за „поголеми права“, потоа како „регионална автономија“, па како „фискална децентрализација“, за на крајот да се претвори во политичко-територијална реалност што веќе не може лесно да се врати назад.

Етничко регионално поврзување и проширени локални надлежности низ искуствата на Балканот

Секоја дискусија за „автономни општини“, етничко регионално поврзување и проширени локални надлежности во Македонија не смее да се гледаат изолирано, туку низ историското искуство на Балканот. Бидејќи Балканот одамна покажал како изгледа патот од административна реформа до етничка територијализација.
Во поранешна Југославија, федералниот модел првично беше претставуван како механизам за рамноправност и стабилност. Но со текот на времето, републиките и автономните единици постепено почнаа да се доживуваат како засебни политички и национални простори. Наместо интеграција, федералниот систем произведе паралелни национални центри на моќ. Кога централната држава ослабна, тие центри веќе беа подготвени за политичко одвојување.
Истата логика подоцна се појави и во Босна и Херцеговина. Под изговор на „баланс“ и „мир“, државата беше организирана во етнички ентитети што и денес функционираат како речиси одвоени политички системи. Наместо функционална држава, се создаде хронично нефункционална конструкција во која етничката припадност е поважна од граѓанството, а блокадите се поважни од институциите.
Балканската историја е преполна со вакви примери. Секогаш кога етничкиот принцип станувал поважен од државниот, дури и за унитарен карактер на државност, резултатот бил нестабилност, сегментација и постојана политичка криза.

Инструменти за политичко редефинирање на државата

Поаѓајќи од едно такво историско искуство, денес е опасно кога во Македонија повторно се пласира тезата дека државата треба да се организира преку етнички регионализам, само спакуван во современ политички речник. Имено, термините „децентрализација“ и „локална демократија“ сами по себе не се спорни. Напротив, тие се дел од модерното демократско управување. Но кога тие концепти се туркаат во етнички поларизирано општество, без силен заеднички државен идентитет, тогаш тие лесно стануваат инструмент за политичко редефинирање на државата. Особено кога зад нив стојат партии што својата политичка моќ ја градат исклучиво врз етничка мобилизација.
Во таков амбиент, „регионите“ престануваат да бидат административни единици. Тие стануваат етнички политички простори. „Автономијата“ престанува да биде функционална реформа. Таа станува чекор кон политичка самостојност. „Фискалната независност“ престанува да биде економски механизам. Таа станува средство за создавање паралелни центри на моќ. Токму затоа многумина во Македонија со загриженост ги следат идеите за проширени локални надлежности, регионално поврзување и создавање нови модели на локална автономија со јасен етнички предзнак.

Која е всушност суштинската дилема што се крие зад целата оваа политичка реторика?

Искуството на Балканот покажува една сурова вистина. Историјата покажува дека федерализацијата никогаш не доаѓа одеднаш. Таа доаѓа преку постепено навикнување на јавноста дека државата треба да се доживува како збир од етнички територии. Во историографијата се познати сценаријата за тоа како најпрво се бараат повеќе права, потоа повеќе надлежности, па финансиска самостојност и посебни институционални механизми. И на крајот, нов политички модел.
Затоа денес Македонија не се соочува само со дебата за локална самоуправа. Се соочува со многу подлабок предизвик што се идентификува со прашањето за тоа дали државата ќе остане унитарна политичка заедница или постепено ќе се претвора во лабава етничка конструкција со регионални центри на моќ? Де факто, одамна во нашата држава се турка ова сценарио, особено во рамките на претходната владина коалиција, кога и централната власт, а и локалната се разбира, функционираа на овој начин. Но сега е малку поразлично и се разбира, де јуре, никогаш не е мината црвената линија на унитарниот карактер на Македонија. Сепак, и покрај де факто и де јуре разликите, ова прашање останува како суштинската дилема што се крие зад целата оваа политичка реторика.
И токму затоа јавноста има право да биде внимателна, критична и сомничaва кога етничките партии зборуваат за „нови модели“ на територијална и институционална организација. Бидејќи на Балканот, историјата премногу пати покажала дека федерализацијата ретко останува само административна категорија. Најчесто, таа станува вовед во нешто многу подлабоко и многу поопасно. П.Р.


Како Вреди ја спакува етничката сегрегација во реформска и европска реторика

Од „обединување“ до тивка федерализација

  • Под плаштот на децентрализација, „регионален развој“ и европски стандарди, на политичката сцена повторно се отвора старото прашање.
    Имено, зошто Македонија постепено се турка кон редефинирање на својот унитарен карактер?

Политичкиот конгрес на коалицијата Вреди во Скопје требаше да означува момент на „обединување“, кој како принцип навистина е дефицитарен во македонското повеќеслојно општество. Испадна дека „обединувањето“ се сведе само на албанскиот политички блок. Наместо визија за надминување на етничките ровови, пошироко создавање единство во државава и пример како може да се направи тоа со еден натпартиски чекор и исчекор кон граѓанска кохезија и пример за повисок државен интерес и стратегија, јавноста доби уште една потврда дека дел од политичките елити во Македонија продолжуваат да ја гледаат државата не како заеднички граѓански простор, туку како мозаик од етнички територии, квоти и регионални зони на влијание.
Зад внимателно избраните зборови „локална демократија“, „поголема автономија на локалната самоуправа“, „регионално поврзување“, „финансиска независност“ сè појасно се наѕира политичка матрица што одамна е препознатлива на Балканот! Тоа е демонстрирана волја на некои елити за постепена етничка територијализација на државата. Тоа не се прави преку отворени повици за федерализација, туку преку институционално редизајнирање на системот, преку законски измени, преку проширување на надлежностите на локалната самоуправа и преку создавање функционално автономни региони со етничка доминација.
Токму затоа, прашањето денес не е дали Вреди има право да бара реформи во локалната самоуправа, туку прашањето е каков политички модел се крие зад тие реформи и каква држава се гради преку нив?

ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА ИЛИ ПОЛИТИЧКА ТЕРИТОРИЈАЛИЗАЦИЈА?

Во својата платформа, Вреди зборува за „реална автономија“ на општините, проширени ингеренции, фискална независност и регионално инфраструктурно поврзување. На прв поглед, тоа изгледа како европска реторика. Но кога овие идеи се анализираат во контекст на етнички структурираниот политички систем во Македонија, тогаш станува јасно дека не станува збор само за административни реформи.
Во суштина, концептот на Вреди отвора простор за создавање политички и економски полуавтономни региони со доминантен етнички карактер. Особено е симптоматично инсистирањето на регионално поврзување токму на просторите со изразено албанско население, како и акцентот на инфраструктурно и економско интегрирање со Косово. Патот Тетово–Призрен не е спорен како инфраструктурен проект. Но кога таквите проекти се претставуваат како дел од поширока политичка визија за „регионално поврзување“, тогаш тие добиваат и јасна политичка димензија. Не станува збор само за патишта. Станува збор за создавање политички, економски и институционални оски што постепено ја релативизираат улогата на централната држава. Во таков модел, општините повеќе не се дел од единствен државен систем, туку почнуваат да функционираат како етнички организирани политички ентитети со сопствени центри на моќ.

ЕТНИЧКИТЕ КВОТИ КАКО ТРАЈНА ПОЛИТИЧКА ФИЛОЗОФИЈА

Особено загрижува фактот што Вреди и понатаму ја промовира етничката припадност како клучен принцип на политичка и институционална организација. Наместо држава на компетентни граѓани, повторно се нуди концепт на држава на етнички баланси. Тоа значи дека институциите не се гледаат како сервис на сите граѓани, туку како простор за етничка распределба на позиции, влијание и контрола. Таквата логика не создава функционална демократија. Таа создава паралелни политички светови. Кога етничката припадност станува главен предуслов за политичка легитимност, тогаш државата престанува да биде заедничка рамка. Наместо тоа, таа се претвора во арена на постојано етничко преговарање и поделба. Во таков систем, секоја институција постепено добива етнички предзнак. Секое министерство, секоја општина, секоја јавна функција почнува да се доживува како „наша“ или „нивна“. Тоа е најопасната форма на сегрегација, а тоа е институционализираната сегрегација.

ЕВРОПСКА РЕТОРИКА ЗА БАЛКАНСКИ ПРОЕКТ

Вреди се обидува да ја легитимира својата политичка агенда преку европскиот речник… локална демократија, децентрализација, европски стандарди, регионален развој итн. Но европската децентрализација нема цел етничко разградување на државите. Во Европа, децентрализацијата е механизам за поефикасно управување, а не алатка за етничка територијализација. Таа функционира во силни граѓански држави со високо ниво на национална кохезија. Во Македонија, каде што политичкиот систем со децении е етнички поларизиран, секое дополнително институционално етнизирање претставува ризик за унитарниот поредок. Токму затоа е опасно кога под превезот на „реформи“ се туркаат модели што долгорочно можат да произведат федерална логика на функционирање. Тоа е политичка замка за унитарноста!
Федерализацијата никогаш не започнува со официјално прогласување федерација. Таа започнува со постепено пренесување политичка, финансиска и институционална моќ кон етнички дефинирани региони.

ОД ГРАЃАНСКА ДРЖАВА КОН ЕТНИЧКИ КАНТОНИ?

Најголемиот проблем во политичката концепција на Вреди е што таа не нуди модел за надминување на етничките поделби. Напротив, сака да ги армира. Наместо интеграција, се нуди паралелизам. Наместо заеднички идентитет, се поттикнува регионално и етничко групирање. Наместо силни државни институции, се турка концепт на локални центри на политичка автономија. Тоа неизбежно води кон слабеење на државната кохезија.
Македонија е држава што веќе со децении се соочува со сериозни предизвици, како што се демографските, па економски, институционални, политички… Во такви околности, дополнително етничко фрагментирање на системот не носи стабилност, туку нови линии на поделба. Особено е опасно кога етничката политика почнува да се поврзува со територијална логика. Тогаш веќе не станува збор само за права и застапеност, туку за политичка контрола врз простор. Знамињата што надвор од законот се веат на териториите на западниот дел од Македонија се обидуваат да ја зацврстат тезата за „политичка контрола врз просторот“, за обележување и владеење на тој простор од македонската држава. За нов суверенитет… А тоа е трагична стратегија произлезена од тој кампус.

БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА НЕ Е ЕТНИЧКА КАТЕГОРИЈА

Вреди настапува со реторика за борба против корупцијата, правда и реформи. Но тие теми не се етнички прашања. Тие се универзални прашања што ги засегаат сите граѓани. Корупцијата не се победува со етничка мобилизација. Правната држава не се гради преку етнички квоти. Економскиот развој не зависи од националната припадност. Доброто образование, функционалното здравство и професионалните институции не се „албански“, „македонски“ или „бошњачки“ вредности. Тие се цивилизациски стандарди. Токму затоа секоја модерна политичка сила што навистина сака европска трансформација мора да излезе од етничките матрици. Ако Вреди навистина сакаше да биде современа десноцентристичка и реформска опција, тогаш ќе понудеше граѓански концепт што ги надминува етничките ровови. Наместо тоа, јавноста доби уште поконсолидиран етнополитички блок.

МАКЕДОНИЈА ПРЕД НОВ ПОЛИТИЧКИ ТЕСТ

Денес клучното прашање е дали македонското општество ќе препознае дека зад на изглед техничките реформи се води многу подлабока политичка битка. Тоа е битка за карактерот на државата!
Унитарноста не се руши преку еден потег. Таа се еродира постепено, со законски измени, со префрлање надлежности, со создавање регионални политички центри и со етничко редефинирање на институциите. Токму затоа јавната дебата не смее да остане на нивото на декларативни флоскули за „европски вредности“. Потребна е сериозна анализа на политичките последици од ваквите концепти. Затоа што кога една држава ќе почне да се организира според етнички линии, тогаш граѓанската кохезија станува невозможна, а политичката стабилност привремена и кревка. Македонија веќе предолго ја плаќа цената на етнополитичките инженерства. Последното што ѝ е потребно е нов циклус на тивка сегментација, спакувана како модерна реформа. П.Р.