Фото: Јордан Плевнеш/приватна архива

На Универзитетот Пантеон Асас Сорбона, познатиот македонски писател Јордан Плевнеш, Претседател на Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА Скопје, одржа серија на предавања насловени „Слобода за историјата во глобалната драма на дигиталната епоха“.

Тргнувајќи од меѓународното пледоаје на Француската Академија, формирано од познатите француски историчари Пијер Видал Наке и Пијер Нора во 2008 година, кон кое се приклучија над седум илјади интелектуалци и творци од различни земји, дека историјата е слобода на духот и во творештвото и во истражувачките процеси, и дека државите и нивните институции не треба со никакви свои интервенции, закони и договори да навлегуваат и да ја загрозуваат историјата како слобода, и во колективната и во индивидуалната меморија. Низ различни примери од светската драмска меморија од Европа и од Светот, Плевнеш зборуваше и за неговата драма „Последниот ден на Мисирков“, која беше прикажана на Меѓународниот Медитерански фестивал во Марсеј, во изведба на Народниот Театар од Струмица, а во режија на Дејан Пројковски и за која имаше бројни одгласи во разни европски медиуми. Посебно внимание кај студентите од постдипломските и докторските студии, предизвика визијата на „Балканскиот лингвистички Моцарт“ – Мисирков и неговиот голем интерес за науката Антропофонетика, дека секој човек е глас за самиот себеси, а тоа се однесува и на колективната и на индивидуалната меморија и идентитет.

Фото: Јордан Плевнеш/приватна архива

Како што е познато, Плевнеш е добитник на Гран при наградата за животно дело на Француската Академија и по тој повод неговиот портрет е поставен во галеријата на почесните професори. Овој портрет е авторско дело на големиот македонски сликар Родољуб Анастасов, кој неодамна почина во Скопје, оставајќи исклучителни дела во голем број на галерии и  музеи низ светот.

На 21 мај во Скопје, на покана на Францускиот Институт и Француската Амбасада ќе престојува Потпретседателот на Универзитетот Пантон Асас, Фабрис Далмеида, кој во EU House, со почеток од 19 ч. ќе одржи предавање за дигиталната сфера на модерните комуникации со симултан превод на тема: „Информација и дезинформација – Историјат и предизвици“. На 22 мај како Doctor Honoris Causa на Универзитетот ЕУРОПА ПРИМА, ќе биде прогласен за почесен член на Академија Балканика Еуропеана и Меѓународната Академија за наука и уметност од Белград.

Со овој настан Интернационалниот Универзитет ЕУРОПА ПРИМА ќе ја започне својата кампања по повод 20 годишниот јубилеј од формирањето.