Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

Силно невреме со поројни дождови, бурен ветер и град го зафати регионот, предизвикувајќи сообраќаен хаос, материјални штети и прекин на патишта во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Надлежните служби издадоа предупредувања до граѓаните за зголемена претпазливост.

Во Србија, најкритично беше на автопатот Ниш–Алексинац, каде сообраќајот беше во прекин поради силен град и речиси никаква видливост. Невремето зафати и делови од Западна и Источна Србија, Шумадија и Поморавје, а во повеќе градови беа регистрирани поплавени улици.

Во Хрватска, силниот ветер во Загреб и околината корнеше дрвја и оштети покриви и електрични водови. Директоратот за цивилна заштита прими повеќе од 250 повици, а јавниот превоз беше во привремен прекин.

Невреме се прошири и во Босна и Херцеговина, каде поради одрони и паднати дрвја беше затворен патниот правец Босанска Крупа – Бихаќ. Штети се пријавени и во Приједор и Градишка.

Метеоролозите најавуваат пад на температурите, а на повисоките планини во Босна е можен и снег. Смирување на времето се очекува во текот на вечерта и утрешниот ден.