Најпрвин ќе нотираме и повториме една информација за подобро разбирање и за одговорноста при секој обид и напор да се раководи и менаџира сложениот и скап радиодифузен систем Македонска радио-телевизија (МРТВ).
Според процената на меѓународниот експертски мониторинг, МРТВ е проценета како систем вреден 1,5 милијарда долари. Раководењето и управувањето со сложениот и скап систем МРТВ ги подразбирам како голема одговорност, ажурност, искуство и знаење. Лошото и несоодветно управувањето со ваков имот најпрвин претставува голема дневна материјална загуба, што пошироко подразбира континуирано заостанување и нарушување на концептот за медиумска сувереност, како столб на државноста. Во ерата на апсолутна медијализација, системот МРТВ освен како сервис на граѓаните, неопходно е да се сфати, одржува и развива како систем за верификација, афирмирање и пропаганда на севкупното општествено битие, со активно учество, интерактивно вмрежувања во глобалниот броткаст.
Основни принципи на дејствување
Општи принципи на деловен морал во однос на публиката и општествената заедница – според законот – финансиер и на МРТВ.
За да се бара и завредни вниманието на јавноста треба да постојат добри причини – нови или подобрени ТВ-проекти (продукција), значајна програмско-техничка соработка и опфаќање на сите сегменти на општествената стварност, култура, спорт, локална самоуправа, европски и интеграции и приоритети… добро осмислена програмска шема – комплементарна и алтернативна во сопствените фреквенции и коректна во однос на конкурентските национални концесионери, со јасна визија за развојот и уредувачката политика.
Принцип на економија – продуктивност – економичност, рентабилност
МРТВ во услови на слободен пазар, каде што владее голема конкуренција, мора да преземе и одреден број атрактивни и дополнителни потикнувања што се обраќаат до слушателите и гледалиштето и апелираат на достоинството, добродетелството, религиозноста, имајќи го секогаш предвид мултиетничкиот карактер на општеството, но и одговорност по однос на ветеното пред гледачите и слушателите, кои имаат легитимно право да уживаат во програмската продукција, правилно и навремено да се информираат, едуцираат и забавуваат.
Она што не минало низ медиумскиот (продукциски) обзор, не постои – постулираат теоретичарите. Цел и стратегија на секоја сериозна програма е како да се освои концесија на небото. Сопствената стварност презентирана врз коректни технолошки стандарди и жанровска профилираност и разновидност, недвосмислено нѐ води во насока на подигање и развивање на продукциската компонента, која во изминатиот транзициски период е маргинализирана и запоставена до степен на исчезнување, за сметка на предимензионираната репродукциска информативна компонента. Воспоставување баланс меѓу овие два сегмента би било клучна претпоставка за одржување, динамизирање и развој на Македонската радио-телевизија во наредниот период.
Појдовна рамка и неопходност при подготвување на оваa програма e методoт – анализа на тематската и жанровска структура на македонскиот и пошироко глобален броткаст. Понудата во македонскиот етер, на изглед голема и разновидна,дополнета со каналите што ги нудат многубројните кабелски оператори, во суштина е во рамките на нископрофилирани продукциски жанрови и форми. Како сервис што го канализира јавниот интерес, најпрво е неопходна континуирана стручна и професионална анализа на состојбите во македонскиот етер. Преку следење на програмите на многубројните државни и преостанати ТВ-концесионери да се детектираат и исцртаат програмските насоки и потребите за видови и содржини што недостигаат и кои се интересни и корисни за слушателите и гледалиштето и кои се обврска на јавниот сервис како најголем и квалификуван продуцент и производите на програми да ги задоволи потребите на корисниците на услугите, со што ќе ја оствари со закон поставената улога и функција.
Клучен чекор во рамките на стратегијата за активна трансформација е добро и правилно осмислена програмска шема. Од неа стриктно произлегува правилното квантитативно и квалитативно димензионирање на јавниот радиодифузен сервис МРТВ. Според потребите за реализирање на програмите, во неа се трасира насоката на активната трансформација. Наместо досегашната поставеност на диспозиција, постепено да се премине на т.н. продукциски концепт на производство на телевизиска и радиска програма. Тоа подразбира дека програмските потреби и цврстата шема ќе ги диктираат продукциските кадровски и технолошко-техничките потреби. Наместо досегашната кадровска фиксна диспозиција, постепено да се премине на концептот на ангажирање според реалните потреби. На овој начин ќе се дојде до реалната цена на чинење на производство на програмата, ќе се подобрат ефикасноста во работењето, мотивацијата, анимирањето на креативниот потенцијал во куќата и пошироко во државата. Радиото и телевизијата преку продукцискиот концепт треба проект-концептот широко да ги отвори вратите за секоја добра идеја, креативни профили и професионалци, со што ќе ги стави во функција својата голема и професионална инфраструктура и капацитети.
Информативна програма
Правото на навремена и објективна информација е содржано во највисокиот правен акт – Уставот на Република Македонија. Имплементирањето на овој постулат во пракса, преку дејствувањето на информативните програми на МРТВ е сложен, динамичен и одговорен процес, кој подразбира програмско и техничко преструктурирање и приспособување кон растечките потреби на општеството.
Општо земено, информативните програми на МРТВ ќе останат најважен инструмент на државната политика и пропаганда, квалитативно подобрена и насочена кон афирмација на приоритетните општествени процеси. Според последните меѓународни истражувања, за состојбата на гледаноста на информативните програми во земјите на транзиција, со јакнењето и стабилизацијата на економските состојби постои значајна деполитизација – губење интерес за политиката и насочување на интересот на јавноста кон другите области на општественото живеење – економија, здравство, спорт, култура, јакнење и дисперзија на власта од централна во локална и др.
Во сегашната поставеност на Информативната програма постојат сериозни резерви и можности за унапредување, пред сѐ преку подобрено менаџирање со постојните технолошки и кадровски ресурси, скратување на линиите на субординација и примена на постулатите на партиципативниот менаџмент, како најсоодветни и важни за успешно функционирање на јавниот сервис. Ќе се осврнам само на некои:
– Со постоењето на Собранискиот канал, во сегментот на покривање на работата на Собранието, објективно ќе може да се сублимира известувањето во ударните информативни емисии, додека ослободениот потенцијал ќе се пренасочи според потребите.
– Голем неискористен кадровски, технички и програмски потенцијал лежи во дописната мрежа, не само како реален сервис на граѓаните туку и како можност, со локалните радио и ТВ-станици да оствариме повисоки форми на соработка (јавно-приватно партнерство, подготовки на сегменти од програми, за што извесни помали искуства веќе постојат и друго).
– Реални резерви и можности постојат во интероперабилноста при покривање на протоколот за потребите на информативните емисии на јазиците на народите што живеат во Република Македонија, кои се подготвуваат во МРТВ (албански, турски, српски, ромски, бошњачки, влашки), при што ослободените ресурси би се употребиле за артикулирање и афирмација на културните особености како етнички диверзитет и богатсво на Македонија.
– Дневната (информативна, културна, спортска) размена со ЕБУ, како и другите сервиси со кои остваруваме соработка, ќе повторам, се реален импакт на медиумската глобализација за јавниот сервис, и особено внимание ќе се посвети на овој сегмент од работењето. Вака пласираните информации се исклучително моќно и незаменливо средство во зајакнување на интегративните процеси со НАТО и ЕУ, зголемување на странските инвестиции и подобрување на економијата во земјава, интегрирање на нашата емиграција кон татковината, презентацијата на историското, културното и етичкото богатсво, разновидност и автентичност.
Модалитетите и активната трансформација подразбираат пред сѐ два-три сериозни продукциски проекти – голема играна серија, активирање неколку неопходни детски играни образовно-воспитни жанрови, квалитетен ентертејмент, активирање ансамблите на народна музика низ фестивалски и ентертејмент-форми – да не се заборават песните и рефрените, за што во куќата постои одредено искуство, е една од можните насоки за брза и благовремена консолидација на куќата. Постари искусни кадри, во содејство со млади образувани профили, низ продукциските зафати и проекти ќе се активираат, при што во од ќе се вршат трансформација и продукциска консолидација. И покрај сериозните проблеми и големиот одлив на искусни кадри во изминатиот период по однос на продукциски капацитети, екипираност и инфраструктура, МРТВ е голем и сериозен продукциски џин, кој треба да се придвижи и активира. Да се отворат вратите за копродукциска соработка со сите расположливи капацитети и независни продуценти и кадри во функција на зголемување квалитетни домицилни содржини во етерот, кои во наредниот период ќе стануваат сѐ поинтересни за компетентниот пребирлив гледач во земјата и дијаспората.
(продолжува со „Документарната и играната продукција клучен аспект за активна трансформација“)
Аљоша Симјановски































