Илустрација: Никола Ристевски, „Нова Македонија“

МИСТИЧНА МАКЕДОНИЈА: МУЗЕЈ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

Здраво-живо. Слобода или смрт. Од смртта, сакале-нејќеле, не можеме да избегаме, затоа нема никаква потреба да бегаме од животот. Живи сме затоа што сме слободни, а ова е генерацијата што треба да покаже дека човечкиот род не е „грешка“ во системот на природата. Затоа што нејзините правила се непроменливи и вечни, а ние сме менливи и минливи. Во гените ни се наоѓаат информации од нашите предци, кои, за волја на вистината, ретко го одбирале материјалниот пат во живеењето на животот, за што потврдува и нивниот опстанок преку почитувањето на духовната сила на древниот род. Народот треба да си разбере дека она што ни го наметнаа како „модерно“ и „современо“, а се дрзнаа да го ословат и како „напредно“, сето тоа нема никаква врска со вистинскиот бит на Македонците. За да не сме изроди и да имаме пород достоен да се нарекува народ, треба да си ги вратиме честа и достоинството на сопствениот род.
Светата македонска земја на која живееме ни ги дала сите нужни благодати за да живееме во хармонија и да се радуваме на најголемиот дар на животот – можноста да работиме. Да работиме заедно за вистината за Македонија. Свето е делото на нашите предци и треба да ги испочитуваме паднатите животи во борбата за слобода. Така нема да дозволиме нови крвопролевања и ако сме доволно чесни и искрени – сите што го носат генот на старите ќе разберат за што станува збор! Затоа што кодот ни е во јазикот, во словото, благословени сме да глаголиме, не заборавајте кои сме, Македонци! За да го имаме правото да се нарекуваме Македонци, треба да живееме македонски. А тоа не е начинот што и тоа како ни го наметнаа, сакале вие да прифатите или не. (За оние што сѐ уште сосила се прават дека не разбираат – дојде времето што го прорекоа старите, кога ќе владееле „луѓе што се срамат од село“ и не се враќаат таму, а „за у град не се, оти не знаат како“.
Поминаа две децении од новиот милениум, па ако сакате по две во Македонија да има сè освен Македонци, да има згради и градби што се секакви само не македонски, да продолжи долгот на туѓи банки, да владеат недораснати потпомогнати од „пријатели од надвор“ и „влијателни креатори на јавно мнение“, да исчезнат македонските сорти, да го изгубиме и она малку што ни е дадено како проба за да докажеме дали сме Македонци, продолжете. Како ќе се заштитиме од пакоста и ќе имаме бериќет ако не си го почитуваме своето? Стариот дедо Зафир од Кратово убаво рекол: „Е, деца, деца, запамтите – народ ќе се раселуе, ќе живее на страна кратко време, ама кд ќе се врате у село ќа вика е мое мило вратиче, и ќе жале шо кд се раселувал, викал пуста да остане.“
Работејќи на овчеполските книги на новото време, полека но сигурно ги пронаоѓам патеписите, спомените, документите, картите, писмата, шифрите во кои се споменува Овче Поле и Македонија и што ли уште не од минатото. Навистина нешто и сторија на историјата, а „господар на Балканот е оној што ја владее долината на реката Вардар“ не било речено за џабе. Првиот „терористички акт“ во 20 век ни го потврдува истото тоа. Во прилог на работата на светото дело и аманетот од нашите предци.
Овде уште се мисли дека лагата е посилна од вистината. Мораме да издржиме. Ретко кој чита книги, се заборавија мудрите зборови на старите, се користат многу „модерни интернационализми“, паметни уреди – глупави луѓе. До кога ќе нѐ трпи Земјата е прашањето со кое човештвото се соочува секогаш кога „развојот“ станал толку разрушителен, што создавањето бара потполно рушење на она што насилно е наметнато како ред и поредок. Сето тоа за да пркне човечкиот род и народот да живее мирно и достоинствено. Но, ретко кој има време да помисли дека старите знаеле повеќе од нас и да превземе нешто за сегашноста. А таа, сурова… сѐ уште се мисли дека лагата е посилна од вистината. Дека игнорирањето било благослов. Дека сме биле најумни суштества на планетата. Мајката Земја и Таткото Небо секогаш го чистат она што не опстојува според нивните вечни правила. Ова е генерацијата што го одбра материјалниот пат на постоењето и веројатно истата таа треба да го смени курсот од стрмоглавото паѓање кон амбисот. Иако дупката нè влече, од смртта не можеме да избегаме. Па, зошто да бегаме од животот? Поздрав, длабоко од поробена Македонија. Ако читаш, кажи им на најблиските дека човечкиот род е создаден за да опстои преку почитување на природните правила, а не со обиди за нивно прескокнување и прелажување.

Согледувајќи како отсуството на т.н. интернет-писменост е сè повидливо, присуството на профили од институции, луѓе и организации во една мрежа што е далеку од официјален простор за информирање, како и ангажирањето десетици луѓе за истото тоа, се појави потреба за постојано објавување содржини што нема да влијаат деструктивно врз читателите. Во корист на каузата за која македонскиот народ се бори со векови. Сфатете го како еден вид интелектуален отпор кон сивилото на понудените информации на дневно ниво. Сѐ уште постојат луѓе што, наместо стикери на паметните телефони, си разменуваат книги и информации. Ретки се оние што можат да спознаат дека таканаречената цивилизација во нејзината денешна форма е пред исчезнување. Дејствувањето на начини различни од колективните мејнстрим норми е сѐ попотребно, а поставувањето на општествените стандарди според идеалите на древните сонувачи е неопходно. Термините сајбер-монаси и сајбер-панкери би биле посоодветно објаснување за тоа како функционираме. Во меѓувреме, аналитичките податоци покажуваат дека она што е пуштено во етер стига до читатели од многу различни земји во светот. Дел од нив е македонската и балканската дијаспора, но има и сѐ повеќе луѓе од други култури што се запознаваат со нашата Македонија преку најсовремениот медиум – интернетот. Ние немаме проблем со системот, туку системот има проблем со нас. Веќе не станува збор за поединецот, туку за целата генерација живи луѓе што го живеат кошмарот наметнат од „повисоките од надвор“, „модерната буржоазија“, неграмотните опортунисти и покондирените тикви. Оние што ја уживаат удобноста на веќе застарениот начин на живеење и управување (само тие си знаат дали спијат мирно) се првите што се противат на воведувањето на новиот поредок – нов ред, заснован на принципи и начела според кои се живеело уште пред неколку милениуми. Древниот кодекс е спас за уништеното човечко достоинство во новиот век. А, малкуте што искрено се надеваат дека новиот ред и поредок би можел да им го осветли секојдневието и да им овозможи мирен и достоинствен живот, сѐ уште се плашат да се одделат од стадото, па така остануваат само дел од карпата, необликувани камења што не можат да се користат ни за потпора, камоли за градење. Секоја чест на ретките исклучоци. Годината е 2026-та, а лажната еволуција предизвика деволуирање на сѐ што е човечко, вистинско и исконско. Материјалните удопства, месечните примања и заштедите сè почесто кај луѓето се поим за слобода. Но, дали сопственоста на материјалното ослободува или заробува? До пред помалку од еден век, ендопите – локалното население функционирало преку размена, додека парите се чувале за нешта што биле тешко достапни. Денес повеќето се заробени од цифрите на сметките, хартиените пари и предметите како симбол за некаковси општествен статус. Луѓето почнаа да покажуваат со прст кон секој што е различен од нив, особено кон оние што „им биле чудни“, „ги носеле во вечна“, па затоа не можеле да ги разберат (или не сакаат ни да се обидат).

Но, забораваат на она старинското – дека кон ѕвездите на небото не смее да се покажува со прст, а нема ни кој да ги потсети дека истото тоа важи и за живите луѓе. Истовремено, гледаме како се протежираат и промовираат луѓе што со својата појава, говор и гестикулации само го отежнуваат секојдневието на обичните Македонци. Сведочиме на недостиг од морални и општествени вредности, а и на недостиг од личности што преку сопствен пример би им покажале на преостанатите дека е дојдено времето кога повторно треба да се обидеме да бидеме луѓе, современа цивилизација во вистинската смисла на зборот. Спознавањето и соочувањето со сопствените сенки е тешко, понекогаш и многу болно, но со доволно посветеност и решителност, тоа огледување во сопствениот мрак носи една Светлина, која е многу различна од суетлината, односно суетата и гордоста, кои во последно време заземаат сѐ поголем дел во современиот речник. Мирот и стабилноста на колективно ниво зависат од поединечното дејствување на секој од нас, и секако – од чистината на одразот од огледалото во сите нас. Ништожник е оној што има поголем пријател од татковината. Каков е народот, таква ќе ни биде и државата.

Чувствувајте…
Читајте…
Размислувајте…
Разбудете се…
Станете…
Дејствувајте…
Помогнете им
на заспаните…
Подајте им рака
на безверниците…
Оставете ги неверниците
да го претрпат одговорот
од Природата.
Да ги вратиме честа
и достоинството
на својот род.
Да се радуваме на трудот
и плодовите од него,
да има за сиот народ.
Работете на Делото
и бидете сурови кон
оние што го злоупотребуваат.
За сите што не го дочекаа
новото Сонце на слободата.
За слободна Македонија!

(продолжува)

• Од „Имагинариум – книга втора“ (2017)

М-р Никола Ристевски