Човекот не ја пронаоѓа смислата во надворешното објективно постоење, не ја ни открива, тој ја создава. Оваа теза тесно се врзува за егзистенцијализмот како филозофски правец, но е присутна и во научната фантастика. Иако навидум егзистенцијализмот и научната фантастика делат иста унија на тези што се врзуваат со фабрикувањето смисла, од страна на човекот, помеѓу нив постојат и суштински разлики. Според егзистенцијалистите, меѓу кои најпознати се Албер Ками и Жан Пол Сартр, колку повеќе човекот го осознава светот толку повеќе ја губи смислата. Оваа теза е сосема спротивна од дотогаш доминантната теза, дека човекот е доволно да го познава светот, за да сфати дека тој има свој совршен ред и поредок и дека во начинот на кој е организиран се крие неговата смисла односно суштина.
Егзистенцијалистите тврдат дека колку повеќе човекот дознава за фактите во светот толку повеќе се судира со апсурд. Соочувањето со болестите и смртта, како животни факти, се најголемите тестови на кои тезата дека сѐ има совршена смисла постојано се раствора во својата внатрешна контрадикторност (contradictio in adjecto). Согласно, животната возраст, искуството во животот и сознавањето на животните вистини, Киргегор го има расчленето човечкиот живот на три фази. Првата е естетската фаза, во која човекот во недостиг од знаење за животот е безгрижен и разигран, потоа следува етичката фаза, кога човекот почнува да бара правила, бидејќи сфаќа дека му недостигаат, и последната или третата фаза е религиската фаза, кога човекот е во очајна потрага по смисла и неа ја бара во религијата.
Правопропорционално со возраста расте и знаењето за светот, а опаѓаат игривоста, оптимизмот и безгрижноста на секој човек. Научната фантастика ја прифаќа тезата дека човекот колку повеќе знае толку помалку наоѓа смисла во работите. Но научната фантастика тврди дека токму на подрачјето на непознатото се етаблира позицијата од каде што може да се преиспитува смислата. Непознатото е фантастично, игриво и креативно. Затоа, таа нуди позиција од која човекот во чувство на возвишеност може да погледне кон сопствената позиција на апсурд, да ја преиспита, но има можност да се врати и да ја ресоздаде. Научната фантастика, како и егзистенцијализмот, смета дека не постои смисла на постоењето надвор од човечкото живеење и дека човекот е одговорен за состојбите во кои се наоѓа. Човекот има можности да ја создава смислата и тоа е неговата суштина. Смислата на човечкото постоење не му е дадена за човекот цел живот да ја открива, туку му е зададена да ја создава.
Единствено до разидување на научната фантастика и егзистенцијализмот доаѓа во делот кога бесмисленоста се смета за природно тежиште на човекот. За егзистенцијалистите, таа е единица мерка за интегрираноста на човекот во светот. Според научната фантастика, како, сепак, уметнички жанр што „ја спасува“ тезата, на човекот не му е иманентен апсурдот. Тоа е најнепосакувана состојба во која тој може да се најде и токму затоа треба да направи сѐ за да ја избегне. Ако „Храбар нов свет“ на Хаксли може да се објасни како амбициозна потрага по смисла што завршува во апсурд, скриената жанровска критика вели дека смислата не е во состојбата на мирување, туку во процесот на создавање. Таа е игра преку која се учи, но не да се заклучи дека играта нема никакви правила, туку да се најде безбедна патека во која играта ќе се одржува.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































