Фото: „Нова Македонија“
  • ИФАБ промени неколку правила за следната сезона за да ги опфати тактиките за задржување време, но немаше договор за тактичкиот тајмаут на голманите, а по сѐ, лигите ќе бидат поканети да одржат тестирања во текот на сезоната 2026/2027, пишува „Би-би-си“

Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) ја разгледуваше појавата на т.н. тактички тајмаут, но не е договорена никаква промена на правилата за следната сезона, а наместо тоа, на лигите ќе им се понуди можност да спроведат серија тестирања, пишува „Би-би-си“. До пред неколку сезони обично играч од поле седнуваше на теренот за да ја запре играта. Се користеше од две различни причини. Или за да се прекине замавот на противникот со предизвикување запирање на играта или тренерот да им дава инструкции на своите фудбалери. Понекогаш се случуваа и двете. Англискиот фудбал се обиде да се справи со ова инсистирајќи со тоа секој играч што ќе добие третман да мора да го напушти теренот 30 секунди. Имаше некои позитивни резултати, но тренерите едноставно го сменија фокусот и им кажуваа на голманите да побараат третман, пишува „Би-би-си“. Тимот не може да игра без голман, па затоа стана метод без ризик за влијание врз противникот или добивање можност за разговор со тимот. Судијата не може ништо да направи во врска со тоа, бидејќи не може да рече дека играч лажира повреда. Голманите седнуваат на тревата, другите 10 играчи брзаат кон техничката зона за тимски разговор. Се случува на сите нивоа од играта.
Постои тврдење дека ИФАБ е премногу бавен во справувањето со ова, пишува „Би-би-си“. За проблемот се дискутира веќе неколку години и беше предмет на долги дебати на техничките состаноци на фудбалските и судиските советодавни одбори во октомври. ИФАБ промени неколку правила за следната сезона за да ги опфати тактиките за задржување време, вклучувајќи го и поставување временско ограничување за изведување гол-аути, аути и заменувањето играчи. Но немаше договор за тактичкиот тајмаут на голманите, а по сѐ, лигите ќе бидат поканети да одржат тестирања во текот на сезоната 2026/2027, пишува „Би-би-си“. ИФАБ ќе ги разгледа резултатите во март в година и во тој момент може да се избере едно решение што ќе се примени во правилата во секоја лига. Еве што се предлага:
Предлог 1: Додека англискиот фудбал и неколку други лиги еднострано го воведоа правилото од 30 секунди, ИФАБ отиде чекор понатаму. Од следната сезона правилата ќе пропишуваат дека секој играч кому му е потребен третман мора да биде надвор од игра една минута. Првата потенцијална проба за тактички тајмаут од голманот едноставно би ја следела таа логика.

Ако на голманот му е потребен третман, тогаш друг играч од тимот мора да го напушти теренот една минута. Може да има паралелни тестирања за да се утврди кој треба да биде надвор од игра, или капитенот или играч избран од менаџерот, пишува „Би-би-си“. Некои на состаноците во октомври веруваа дека ова е најдоброто решение, бидејќи би било во согласност со правилата, но други сметаа дека тоа не е доволно одвраќање.
Предлог 2: Зголемување на времето надвор од теренот на две минути. Ова ја следи истата логика како и првиот предлог, но со важен пресврт. Играчот од поле мора да излезе но на двојно подолго време. Оние што се за тоа велат дека една минута не е доволна за одвраќање на тренерите што сакаат да дадат нови инструкции. Оние што се против тоа сметаат дека става преголем акцент на тоа дека голманите се преправаат дека се повредени, пишува „Би-би-си“. Тоа би можело да ги одврати навистина повредените играчи од барање третман, плашејќи се дека би можеле негативно да влијаат на сопствениот тим.
Предлог 3: Ниту еден играч не може да пристапи до техничката област. Националната женска фудбалска лига во САД предводи во ова. Тоа покажа дека ниту една лига не мора да чека ИФАБ да излезе со пробни мерки, можно е да се дејствува на едноставни начини токму сега. Кога минатиот месец почна сезонава, таа лига објави дека ќе воведе нова политика за повреди на голмани. Доколку голман е повреден, играчите на двата тима мора да останат во областа каде што се наоѓале кога играта била прекината или да се соберат на страната на нивниот тим во централниот круг. Ако повредениот голман треба да биде заменет пред продолжувањето на играта, тогаш тоа не важи. Сепак, ова не се однесува на прекините дизајнирани да го запрат замавот на противникот. На пример, пробниот период на таа лига нема да го спречи голманот да седне на теренот ако тренерот почувствува дека противникот е во предност, пишува „Би-би-си“.
Предлог 4: Хибриден модел. Ова е комбинација од првиот и третиот тест. Некои членови на техничките панели велат дека едноставното спречување на играчите да одат до аут-линијата решава само дел од проблемот. Хибридниот модел ќе значи дека на играчите нема да им биде дозволено да одат до аут-линијата, но играч од надворешното поле, капитенот или оној избран од тренерот исто така мора да го напушти теренот на една минута. Ова би можело да биде најефикасното решение, пишува „Би-би-си“. Н.М.