- Улогата на Светската атлетика е многу јасна, сакаме да овозможиме, но имаме и регулаторна одговорност. Да, патиките играат улога, но не и најголема, изјави претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу
Претседателот на Светската атлетика (СА), Себастијан Коу, вели дека организацијата нема да „ја задуши иновацијата“, по дебатата за таканаречените „суперпатики“, кои му помогнаа на Себастијан Саве (31) да стане првиот човек што истрчал натпреварувачки маратон за помалку од два часа, пишува „Би-би-си“. Кениецот победи на неодамнешниот Лондонски маратон за еден час 59 минути и 30 секунди, запишувајќи се во историјата и надминувајќи ја бариерата, што многумина некогаш го сметаа за невозможно.
– Не мислам дека на кое било општество, цивилизација, кој било сектор од економијата му е од корист ако се обидете да ја задушите иновацијата. Улогата на Светската атлетика е многу јасна, сакаме да овозможиме, но имаме и регулаторна одговорност – изјави Коу за „Би-би-си спорт Африка“ при посетата на Боцвана пред Светските штафетни трки.
Саве, Јомиф Кејелча од Етиопија, кој исто така трчаше побрзо од два часа, со 10 секунди зад Саве, и Тигст Асефа, која постави нов светски рекорд како победничка во трката за атлетичарки, сите во Лондон ги носеа патиките „адидас адизро адиос про ево 3“, пишува „Би-би-си“. Саве му се заблагодари на „Адидас“ за тоа што ги направи, како што рече, најдобрите патики што ги носел, особено истакнувајќи колку се „многу лесни“ и стабилни. „Адидас“ тврди дека нивната технологија ја подобрува економијата на трчање за 1,6 отсто.
– Да, патиките играат улога, но не и најголема. Најголем дел се менталитетот на спортистот, физичката природа на спортистот, тренерството од светска класа, програмите од светска класа што сега се спроведуваат преку федерациите за да ги поддржат нивните атлетичари. Сето тоа е дел од подобрените перформанси – рече Коу. Г.И.

































