Фото: РК Охрид

РАКОМЕТ

  • Охрид, кој на патот до финалето на Европскиот куп забележа девет победи и еден пораз, ќе игра за петти трофеј за македонскиот ракомет во европските купови. Финалните дуели со Татабања се закажани од 23 до 31 мај, а во Виена со ждрепка ќе се одреди кој ќе биде домаќин на првиот меч

Ракометарите на Охрид испишаа клупска и македонска историја со пласманот во финалето на Европскиот куп, откако во реванш-натпреварот, во возбудлива и крајно драматична завршница, дури по изведувањето пенали (4-3), го елиминираа словенечкиот претставник Цеље (победа со 25-24, а на првиот меч беа поразени со 26-27). Избраниците на тренерот Борис Ројевиќ во големото финале ќе играат против унгарскиот претставник Татабања, во кој боите ги брани репрезентативецот Филип Талески. Финалните дуели помеѓу овие два клуба се закажани од 23 до 31 мај, а во Виена со ждрепка ќе се одреди кој ќе биде домаќин на првиот меч.
Ракометарите на Охрид се пласираа во историско финале во Европскиот куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ). одиграа херојски натпревар, пред својата публика и тоа кулминира во пенал-рулетот. По еден пенал промашија двата тима, пред последната петта серија, кога Дарко Ѓукиќ беше прецизен, а Домен Махуц го промаши голот за да почне големото славење во салата „Билјанини извори“. Најефикасен во редовите на Охрид беше Косуке Јасухира со девет гола, а блиску до него беше Тилен Стрмљан со седум. На голот на Охрид одличен беше Кристиан Пилиповиќ, кој собра 12 интервенции.

– Одигравме два неверојатни меча, пресреќни сме и ние и цел Охрид. Со игра „седум на шест“ неколкупати се враќавме во игра, публиката нѐ влечеше и сметам дека заслужено сме во финалето. Татабања има 4-5 милиони евра буџет, па сметајте колку овој тим е квалитетен. Ние сме пресреќни со ова финале, пак ќе го дадеме својот максимум, па ќе видиме дали ќе биде тоа доволно – рече Ројевиќ.
Охрид на патот до финалето на Европскиот куп ги елиминира Баку (Азербејџан), Слога Добој (БиХ), Дукла Прага (Чешка), Олимпијакос (Грција) и Цеље (Словенија), притоа постигнувајќи девет победи и еден пораз. Да потсетиме дека и амбициозниот македонски претставник во ракометна Европа, Алкалоид, сосема заслужено дојде до пехарот во ова натпреварување во минатата сезона, притоа елиминирајќи ги Клаипеда Драгунас (Литванија), Вест Виана (Австрија), Бриксен (Италија), Баја Маре (Романија), потоа во полуфиналето Сандефјорд (Норвешка) и во финалето АЕК (Грција). Сега охриѓани може да го повторат овој успех, што за македонскиот ракомет ќе биде петти освоен трофеј, по титулите европски шампион на Вардар, освоени во 2017 и во 2019 година во машка конкуренција, и европската титула во женска конкуренција на Кометал Ѓорче Петров, освоена во 2002 година. Г.И.