„Амаркорд“ и „Граѓанинот Кејн“

Повод: 85 години од премиерата на „Граѓанинот Кејн“

(сеќавање за едно филмско детство и созревање)

Во почетокот на 40-тите и 70-тите години на минатиот век две филмски остварувања ја потресоа филмската сцена – „Граѓанинот Кејн“ (Орсон Велс, 1941) и „Амаркорд“ (Федерико Фелини, 1978), до тој степен што во филмските енциклопедии овие два филма со децении се означувани како најдобри меѓу десетте филма во светот. „Граѓанинот Кејн“, кој годинава одбележува 85 години од премиерата, често е означуван како најдобар филм на сите времиња. За мене, овие два филма спаѓаат меѓу најубавите нешта што ми се случиле на преминот меЃу детството и младешките години во смисла на интелектуално и емотивно созревање. За ова пишувам во мојата книга,,Детството е повеќе од амаркорд“ – роман за детството и созревањето во време на раниот социјализам, издадена од „Матица“ во 2021 година.
Зошто амаркорд во насловот на книгата? Зошто детството е повеќе од амаркорд?
Амаркорд може да се смета за збор што не постои. Го нема во официјалната лексика. На свет дошол преку креативна интервенција во два глагола – „amare“ и „riccordo“. Крајниот резултат е механички спој што значи – „сеќавање со љубов“. Амаркорд!
Само од работилница на вешт мајстор можела да произлезе ваквата кованица. Потребно е префинето чувство за да се спојат сентименталноста и меланхолијата во еден силен збор што нѐ враќа во минатото, со цел да ги искажеме чувствата во сегашноста. Тој вешт мајстор е Федерико Фелини. Го исковал за да му даде наслов на својот прочуен филм – „Амаркорд“.
Моето рано детство во 1950-тите години може да се опише како – сеќавање со љубов. Израснав во маалото Млин Балкан, во Скопје, сместено меѓу Клубот на пратеници, Мала станица и плоштадот „Слобода“. Но она низ што поминував во кругот што се затвораше со печатницата на „Нова Македонија“, со мојата осмолетка „Гоце Делчев“, како и со Нижото музичко училиште, во кое шест години учев виолина – од денешна точка на гледање, сигурен сум, е повеќе од сеќавање со љубов. Моето детство е повеќе од амаркорд.
Случувањата за кои зборувам во овие сеќавања одамна се запишани од раката на судбината и на случајностите, но не помалку и од мојот детски порив да се барам себеси, уште од многу мал, во чудото на животот. Да талкам со страст низ длабоката шума на животот, мистериозна и величенствена истовремено.
На тоа бев поттикнат од настаните и доживувањата што се случуваа во оние точки во кои мојот детски свет спонтано се допираше со светот на возрасните. Како што растев, бројот на тие точки постојано се зголемуваше. Не бев ни свесен дека постепено стекнував навика да ги спојувам во линија што ја означуваше границата меѓу тие два света.
Тоа го правев од љубопитство и преку размислување. Но најчесто тоа одеше спонтано, само од себе. Барајќи се себеси, активно созревав. Често, по силата на околностите, бев принуден, а понекогаш и самиот посакував, да се движам по тенката линија во која светот на детството и светот на возрасните почнуваат да се допираат, сѐ до оној момент кога дефинитивно ја пречекорив таа линија и се најдов себеси во светот на возрасните.
Сега, додека го ставам на хартија она што судбината одамна го запишала, се прашувам зошто го правам тоа. За да оставам трага зад себе? Од обична човечка суета потхранувана од илузија дека, на тој начин, може да си го продолжиме траењето и по неминовноста на дефинитивниот физички крај? Или заради верувањето дека човек, и без да е свесен, колку што е поблиску до својот крај, толку е всушност поблиску до својот почеток, во кој сликите од раното детство искрснуваат со изненадувачка јасност и силина?

Толкувањето на Стево Црвенковски од 1969 година

Но зарем еднаш веќе не се поколебав во верувањето за приближување на крајот со почетокот, кога се обидов да проникнам во смислата на филмот „Граѓанинот Кејн“? Толкувањето на истиот филм што го слушнав од Стево Црвенковски, летото 1969 година, на терасата на младинскиот хотел во Бечиќи, крај Будва, во Црна Гора, беше поинакво, но ми прозвучи исто толку уверливо. Стево Црвенковски, во нашата општествена и политичка јавност остана запаметен како знаменит филмски режисер, министер за надворешни работи на Македонија, македонски амбасадор во Велика Британија. Го имав покането да учествува на меѓународната летна школа во организација на Претседателството на Сојузот на социјалистичката младина на Југославија, наменета за младинското крило на Социјалдемократската партија на Шведска. Во тоа време, како член на Претседателството, бев задолжен за организирањето на Летната школа, на која, како предавачи, учествува функционери и истакнати југословенски дипломати, меѓу кои Лео Матес, Богдан Црнобрња, Богдан Орешчанин, Димче Беловски. Требаше да дојде и Коча Поповиќ, кому лично, во неговиот кабинет, му ја пренесов поканата во име на Претседателството. Близок соработник на Тито, Коча Поповиќ беше брилијантниот ум на социјалистичката револуција во Југославија, интелектуалец од европски формат, школуван на „Сорбона“ меѓу двете светски војни, за време на НОБ беше прв командант на Првата пролетерска бригада во 1941 година, министер за надворешни работи, потпретседател на Југославија, еден од најистакнатите раководители на Југославија. Во 1970-тите години се разиде со Тито и излезе од политичкиот живот на земјата.
Стево тогаш образложуваше дека „Граѓанинот Кејн“ не е филмска сага за едно сеќавање на главниот лик на една слика од детството, непосредно пред да испушти душа (колку сме поблиску до Крајот толку сме поблиску до Почетокот!), туку дека „Граѓанинот Кејн“ е всушност сага за камчето што недостига во мозаикот на животот. Дека не може тукутака да се реконструира и да се објасни нечиј живот дури и тогаш кога сме уверени дека сите камчиња се ставени во мозаикот, освен можеби само едно, единствено. Иако и без него, мозаикот изгледа стокмено и сликата сосема јасна, токму тоа камче што недостига нѐ спречува да проникнеме во суштината на нечиј живот. Во „Граѓанинот Кејн“ тоа камче е зборчето rosebud (пупката на розата) што го изговара главниот јунак непосредно пред душата да му отиде на небо, во почетната сцена на филмот. Тоа зборче е запишано на внатрешната страна на неговата детска санка за лизгање, од завршната сцена на филмот.
Зошто оваа опседнатост со детството?
Тешко ми е да пронајдам одговор затоа што, понекогаш, ми се чини дека имав детство за два живота!

Владимир Петковски, универзитетски професор и амбасадор