Висок неименуван извор од безбедносните структури на Иран упати сериозни предупредувања дека земјата може да одговори со „невидена“ воена акција доколку продолжи, како што ја нарекуваат, поморската блокада од страна на САД во регионот на Ормуската Теснина.
Според изјавата пренесена од „Прес ТВ“, иранските вооружени сили, кои дејствуваат под команда на штабот „Хатам ал-Анбија“, сметаат дека трпението има граници и дека, доколку продолжат тензиите, ќе следува одговор.
Изворот нагласил дека Иран повеќе не е „пасивен или предвидлив противник“, алудирајќи на досегашните воени и политички конфликти.
Во изјавата се посочува и дека воздржаноста на иранските сили досега била насочена кон давање шанса на дипломатијата и можност за деескалација на односите со Вашингтон.
Сепак, доколку, како што се наведува, американската политика остане непроменета, Техеран најавува поинаков пристап и можен одговор на состојбата во регионот.
Тензиите меѓу двете земји повторно се во фокусот поради стратешкото значење на Ормуската Теснина, клучна рута за глобалните испораки на нафта и гас.

































