„Македонија е збор што со векови кај многумина,
и Грци и други, буди визии на една моќна
и блескава античка земја“
Анастасија Каракасиду
Катастрофа по нашиот национален и државен суверенитет е, покрај власта, и корумпираното до гуша судство. Недостигаат некои клучни закони за тоа. Ќе наброиме, покрај повеќето, два од нив многу битни: прво законот за потеклото на имотот чие непостоење го дозволува криминалното и корумпирано дивеење на високите политички и бизнис-тајкуни, здружени корпоративно по криминален модел, што го пљачкаат материјално народот, и второ: немањето закон за одбрана на суверениот државен официјален јазик, македонскиот, на оваа нација и држава како што е тоа во сите суверени западни држави, со што во пракса е дозволена двојазичност со албанскиот јазик, и покрај изјаснувањето на Венецијанската комисија, и јазичко дивеење и непочитување на албанските политичари и кај нас на службениот јазик на државата во која живеат и од која јадат леб. Тие се покажаа нечесни и неблагодарни за великодушниот гест на Македонците, кога во 1999 година НАТО ја бомбардираше Србија и насилнички го создаваше Косово како држава, за примените во Македонија од срце над 350.000 косовски бегалци. Наместо тоа, како благодарност одговорија со тероризмот во 2001. А да не зборуваме за дадените во времето на Глигоров и Црвенковски над 150.000 државјанства на Албанци кај нас, со што се измени катастрофично македонската етничка слика. И територијалната нова карта на Македонија по општини по волја на Албанците беше неправедна од СДСМ по нивен и по терк на Брисел, Вашингтон и Тирана. Итн. Грешка по грешка на сервилните македонски политичари. А секоја таква грешка беше, е и останува катастрофична за македонскиот државен и национален суверенитет.
Така стојат работите. Ние и до овој ред, драг читателу, набројавме редица катастрофални потези на македонската влада, а на штета главно на Македонците, кои од цивилизацијата беа маркирани за идентитетски отстрел. Од еднопартиска комунистичка влеговме во повеќепартиска апсолутистичка диктатура во новата „демократија“. Уште се сеќаваме на онаа горда наша транзиција од комунизам во капитализам, во која нашиот прв премиер Бранко Црвенковски од Македонија направи социјална Хирошима, а потоа со БЈРМ на Глигоров и со Лисабонската декларација ја осетивме и нашата идентитетска Хирошима. И Нагасаки. Во контекстот на сето тоа ако Хирошима беше од цивилизацијата подготвена во корист на Грците, Нагасаки сега е подготвен со втората идентитетска геноцидна бомба против нас за Бугарите. Третата не се знае за кого, но претпоставуваме.
Македонците се крајно несложни во одбрана на сопствениот идентитет и фенеричка меморија. Двете македонски крупни партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се јадат канибалистички меѓу себе за политички, материјален и секаков друг вид на профит. Се ништат до последен атом. Како илустрација за тоа во една поранешна колумна употребив еден суров цитат од книгата на Шопенхауер „Светот како претстава и волја“. Контекстот налага да го преповторам и сега како варијација на тема. Во таа смисла германскиот филозоф тука го дава примерот со австралиската мравка булдог, кој го дефинира како „најочигледен пример за борба на пониските степени на објективитетот на волјата“. Вели: „Австралиската мравка булдог (buldog-ant): имено, кога ќе биде пресечена, почнува борба помеѓу главата и пресечената опашка; главата со вилиците ја напаѓа опашката, а таа се брани храбро бодејќи ја. Борбата обично трае половина час, и тоа додека не умрат или додека не ги одвлечат другите мравки“. (Во нашиот македонски случај претпоставуваме кои други, м.з.) Тоа е, драг читателу, најпосле илустрација и на нашата партиска „демократска“ диктатура, оти кога почна сето тоа булдог канибалистичко партиско ривалство кај нас ни куче не се примаше да чува партиски магацин ако нема некаков партиски знак или значка, а камоли човек. Индивидуалците без партиска книшка и кучешка партиска верност никогаш од 1990 наваму не се ценеле и не се ценат ни сега кај нас. Тоа на двапати, исфрлен во социјална бездна, отпуштен по три години од работа, добро го искуси заедно со неговото чесно и родољубиво семејство и авторот на оваа колумна, драг читателу. Но се најдоа добри луѓе, помогна и Господ, образот остана чист, ама остана и длабока лузна од нашата партиска „демократија“. Добро знае партијата што ми го (што ни го) направи тоа. Затоа и син ми замина да докторира и работи на универзитет во Америка по завршување со одличен успех на студиите по медијавелистика на најдобриот универзитет во Германија за тоа во Бамберг. Се извинувам, драг читателу, за оваа интимна исповед, но се вклопува во темата. Сеедно, јас и моето семејство ризикувавме (и сè уште го правиме тоа) да останеме чесни. Оти денес чесноста е и морал и храброст и неа можеш да ја најдеш само кај обичниот простодушен и родољубив народ: не кај политичарите, не кај бизнисмените, не кај универзитетските интелектуалци, кои молчеа, беа во глувчова дупка кога идентитетски нè ликвидираа. Итн.
Ние сме доведени до дното да немаме ни демократски, ни јазичен, ни идентитетски, ни економски, ни аграрен, ни енергетски суверенитет. Речиси никаков освен партиски, етнички, коруптивен и криминален суверенитет. Тоа е суровата вистина. Политички играме само на една страна во светот: западната. Политички и стратешки сме ја забиле главата само во задникот на Брисел и на Вашингтон, тие што ни го подготвија заедно со Атина Преспанскиот договор, а сега со „француската рамка“ на Наполеончето Макрон ни го кројат докрај идентитетскиот геноцид со Бугарите, на кои им ја препуштаат беневолентно целокупната наша културно-цивилизациска меморија од Кирил и Методиј, Климент и Наум до денес и натаму како Бугари по род, но, внимавај драг читателу, и како фашисти.
Ние немаме храброст да расчистиме со Бугарите и да го раскинеме нацифашистичкиот, според сите елементи, договор со нив. Наместо тоа, применуваме некој вид на конфузна стратегија за некаков вид на „одложено дејство“, кое во контекст на сè што се случува со нашите источни, како и со јужните (западните сега ги оставаме намира) канибалистички соседи не значи, според нас, ништо друго освен „одложена смрт“. Тоа. Обичниот народ по пазарите и запуштените села, како и пензионерскиот полупролетеријат што одвај преживува во главниот град, има и чест и храброст, иако му се потиснати социјално, партиски и политички до рамнодушност емоциите. Но нивната идентитетска чесност и храброст им требаат на политичарите и на интелектуалната елита. Ние без перде срам на очите и душата бараме од Брисел да ни даде гаранции за идентитет, написмено со вавилонски оросписки печат. Бараме гаранции од оние што нè ликвидираа во Преспа 2018 идентитетски во корист на Атина, а сега нѐ доликвидираат во корист на Софија. Какво страшно понижение, Боже. Па, се бара ли гаранција да ти потпише некој за идентитетот, дека постоиш и дека си жив во него и во своето генеричко име, кое никој не може да ги избрише од Библијата, а за кое така суверено во одбрана на него, прекорувајќи ги безбожните пагански Грци, говори и најревносниот од сите Исусов апостол Павле во своите посланија. Се надевам дека нашите високи првосвештеници од Светиот синод ги читаат нив, па нема зошто да бараат томос од христијански фашизираниот гркомански Фанар. Па, не се сеќаваат ли тие дека, имено, свештениците на Фанар го организираа оној фашистички милионски собир во Солун на Грците: од минатиот век на кој бараа смрт за Македонците, не само идентитетска туку и физичка. Малку им беше 1948-та со англиските бомбардери и напалм-бомби кои ја остваруваа нивната „мегали идеја“ со смртта и прогонот на Македонците од родните огништа.
Тоа. И така. А суверенитетот, и национален и државен, кој ние само се залажуваме дека го имаме, драг читателу, имено, како што веќе и истакнавме, се гради со чест и храброст. И, конечно тоа е, според сè, да се исправиме за веќе понапред реченото, човечка, длабоко човечка, а не политичка особина и содржина. За жал, пак, од 1990 наваму нашите партии и влади (зборуваме за македонските) беа страшно дефицитарни во тоа. Ќе светнеше како некоја искра, Борис Трајковски, божји чесен човек, кој стана претседател со една реченица, ама, рака на срце, не беше скроен за суверен претседател. Во војната со албанските терористи направи катастрофално крупни грешки, а потоа капитулантски без око да му трепне го потпиша и капитулантскиот и понижувачки, наметнат од запад, договор. Итн.
Груевски беше одличен економист и со толку многу критикуваните споменици беше анатемисан за антиквизација, но со тоа го подигна колку-толку, дури во наши услови и на ента степен македонскиот патриотизам. Но неговата катастрофална грешка беше во неговиот невидено ригиден партизам, кој се одржува и денес и во двете главни македонски партии. И во онаа тотално загубената на заевистот Филипче, кој по геноцидот што го направи по диктат на Брисел, Вашингтон и Атина без да се опамети фашистичкиот гест на неговата партија го прогласува за спасение на идентитетот. Боже мил, зошто на некои си им дал и премногу ум, а на некои ни трошка. Ама за компензација си ги надарил со огромна глупост. А глупоста, како што вели и Крлежа, што си го дарувал со енормен талент, интелект и ум, вели дека и глупоста има метафизички квалитет, она што го бара Карлајл од квалитетната поезија. Добро, ама тука сега настанува целосна и неопислива збрка.
Искрено, нам ни недостасуваат чесност и храброст, а не безусловно полтронство кон оние што нè понижуваат и идентитетски ништат. Оти светот има четири страни: источна, и јужна и северна, а не само западна. Во нашата колумна реков дека Алжир донел два важни закони: првиот за репарации од француското колонијално ропство над нив и вториот за извинување на Французите за тоа понижение. Да, драг читателу, а ние што побаравме во тој контекст од Грците и Бугарите, па и од Англичаните за нивното бомбардирање на егејските деца со напалм-бомби, место тоа зедовме од нив 6 милијарди скап заем во евра, наместо тоа да им го вброиме во репарациите, како мал дел, што треба да ни платат за нивната варварска штета, грчки грабеж на македонските имоти, дури и на гробиштата и црквичките во нив со ангелите сликани од македонски зографи, а Кина наместо 6 ќе ни дадеше 60 милијарди, дури и без камата, заем. Но и таа и Русија кај нас се на примитивен политички начин, игнорирани и демонизирани.
При крај сме. Толку е просторот кој ни е штедро даден од Редакцијата на нашиот весник, драг читателу. На крајот како (хипо)теза останува уште прашањето, посебно по кренатата прашинка со оној декласифициран документ на американската ЦИА за стоте коруптивни милиони што му ги понудила грчката влада на претседателот Глигоров за промена на името. Еве реален корпус деликти, иако сето тоа ние и без тој фамозен документ на ЦИА го знаевме. Оти ако Глигоров не ги прифатил тие милиони, друг го направил тоа. Оти и Гоце знаеше и велеше дека ни еден друг народ како Македонија нема толку многу предавници.
Конкретно што треба да направиме? Првин неколку наши чесни и храбри адвокати да формираат со нив (политичарите нема да го направат тоа) меѓународен тим од врвни адвокати и да почне процес за раскинување на Преспанскиот договор, со изготвување една Бела книга на неофашизмот на западната цивилизација против која Русите во ОН поднесоа специјална декларација, која не ја поддржаа Американците, а и ние како нивни политички полтрони, со што срамно всушност така застанавме на страната на обновениот западен неофашизам, кој беше in medias res демонстриран со ЕУ нацифашистичката Лисабонска декларација како претслика или префигурација на Преспанскиот договор. Треба од некаде храбро да почне за демонстрирање на неофашизмот на западната цивилизација заседната, пред сè, во фотелјите на европските колонизаторски нации, како и во фотелјите на центрите во државите-хиени кон преостанатото мало парче територија и кон целокупното пребогато македонско културно-цивилизациско наследство од антиката до денес. Треба да се почне веднаш, силно и храбро и со пријателите од исто на кои недостојно и срамно им вртиме грб. А тие дури и не ни се лутат. Толку многу се великодушни. Треба да се почне! А според мене, драг читателу, таа операција „Македоника“ најдобро би ја подготвил и извел Тони Менкиноски. Повеќе од сигурно, бидејќи ги поседува сите квалитети за тоа. Nocturno. De profundis. Memento mori.

































