Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Жителите на Долно Лисиче по долгогодишен проблем наскоро ќе добијат чиста и безбедна вода за пиење, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Како што објави на социјалните мрежи, заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, извршиле увид во изградбата на новата водоводна мрежа на улица „2“ во населбата.

– Ова е проект што за луѓето овде значи сигурност во секој дом, чиста вода за секое семејство и подобри услови за живот – наведува Ѓорѓиевски.

Станува збор за инфраструктурен зафат со кој, како што посочува, се решава проблем што со децении ги засега жителите на овој дел од градот. На улица „2“ се гради водоводна мрежа во должина од околу 1.255 метри, со цевки со дијаметар DN 225 мм, која ќе се поврзе со постојната водоводна линија на регионалниот пат Р1106. Со проектот се предвидени и 109 приклучоци за домаќинствата од двете страни на улицата.

Дополнително, кај месната заедница на улица „20“ ќе се изврши замена на старата водоводна линија со нова полиетиленска цевка со дијаметар DN 160 мм, во должина од 48 метри, со што се очекува постабилно водоснабдување.

Градоначалникот потенцира дека обезбедувањето квалитетна вода не смее да биде луксуз, туку основно право на секој граѓанин, додавајќи дека локалната власт ќе продолжи со реализација на проекти за подобрување на условите за живот во Скопје.