Машко лице било лишено од слобода по сомнение дека силувало малолетничка во Гостивар и објавувало експлицитни содржини на социјалните мрежи.
Од Секторот за внатрешни работи – Тетово информираа дека од страна на полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар, од слобода бил лишен 29-годишниот Т.Б. од село Здуње.
– Тој бил пријавен на 24.04.2026 година од страна на 42-годишен жител од Гостивар, дека пред неколку месеци на подрачје на Гостивар, непознато машко лице со возило „фолксваген џип“, црна боја, ја пресретнало неговата малолетна ќерка и со употреба на физичка сила извршило силување врз неа, упатувајќи ѝ закани по нејзиниот и животот на нејзиното семејство – појасни Фатмир Реџепи, портпарол на СВР – Тетово, пренесе МИА.
На 22.04.2026 година на социјални мрежи биле објавени експлицитни фотографии и видеа на ќерката на пријавителот. По преземени мерки, лицето било пронајдено, извршен бил претрес во неговиот дом како и уште еден дом на подрачје на селото Равен, каде приведеното лице престојувало при што биле одземени лаптоп, мобилен телефон, УСБ-стик и други предмети.
Лицето било задржано во полициска станица за понатамошна постапка, по што ќе била поднесена соодветна пријава.


































