Akuo, глобален производител на обновлива енергија, во партнерство со Eco Logic, невладина организација посветена на промоција на еколошките вредности преку образование, и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, го започнува проектот Akuo EduLab, пилот-иницијатива насочена кон зајакнување на образованието за одржливост во Република Македонија. Иницијативата е поддржана од Француската амбасада во Република Македонија.

Проектот ги поддржува студентите од образовните науки во стекнувањето зелени компетенции и им дава можност ова знаење да го пренесат на ученици од основните училишта на возраст од 6 до 12 години, преку активности што ќе се реализираат во училиштата.
Се очекува Akuo EduLab да придонесе темите поврзани со одржливоста, животната средина и енергетската иднина да станат повидлив и посуштински дел од современото образование. Проектот е осмислен како хибриден модел што ги поврзува високото образование и училишната практика, со цел да се создаде подостапен, интерактивен и применлив модел за учење за одржливост.
-Како компанија што инвестира во обновлива енергија и долгорочен развој, веруваме дека одржливата иднина се гради не само преку нови енергетски капацитети, туку и преку знаење, образование и силни локални партнерства. Со Akuo EduLab сакаме да придонесеме темите за одржливост да им бидат поблиски, поразбирливи и поприменливи на младите, а воедно да им помогнеме на идните наставници да стекнат практични алатки што ќе ги користат во својата работа – изјави Емил Бакиќ, директор на Akuo Balkans.
Програмата ќе опфати теми како обновливи извори на енергија, биодиверзитет, одржливо градинарство, системско размислување и еколошка комуникација, со акцент на практично учење и содржини приспособени на локалниот контекст.

-За нас е особено важно што преку Akuo EduLab одржливоста не останува само концепт, туку станува конкретна образовна практика. Проектот е значаен затоа што создава реална врска меѓу еколошкото образование, наставната практика и локалниот контекст – изјави Никола Нешкоски, програмски директор на Eco Logic.
Се очекува проектот директно да вклучи околу 20 студенти од Факултетот за образовни науки и 20 наставници од основните училишта, а индиректно да опфати повеќе од 400 ученици во Општина Штип. Меѓу очекуваните резултати е и систематизацијата на стекнатото искуство преку подготовка на посебен практичен прирачник, со цел моделот подоцна да може да се применува, надградува и приспособува и во други образовни средини.
-За нас, Akuo EduLab претставува вредна можност студентите да го надградат своето академско знаење преку практична примена во реална образовна средина. Особено е важно што преку овој проект ќе работат на теми што стануваат сè порелевантни во современото образование и ќе стекнат искуство што ќе биде корисно за нивниот понатамошен професионален развој – изјави проф. д-р Трајче Стојанов, декан на Факултетот за образовни науки.
Со вложување во идните наставници и создавање простор децата уште од рана возраст да се запознаат со темите за одржлив развој, проектот има цел да придонесе кон посилна еколошка свест, унапредени педагошки капацитети и поблиска соработка меѓу универзитетите и училиштата.
































