Двајца од работниците кои утринава беа затрупани со земја на градилиште во Кисела Вода се со полесни телесни повреди и контузии, а еден е со скршеници на двете потколеници и една натколеница, информира Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
– Во врска со несреќата на градилиште во Кисела Вода, информираме дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман – се вели во соопштението од Ургнетниот центар.
Д-р Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје, претходно за МИА изјави дека при несреќата загинал градежен работник и оти тројца биле повредени.
Докторот Панов изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но, увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
– Интервениравме со четири амбулантни возила – рече доктор Панов.
Министерството за внатрешни работи, пак, соопшти дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја има затрупани работници.
– Тројца работници се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар ид Итна медицинска помош – соопшти МВР.
































