РАКОМЕТ – СВЕТСКО УЧИЛИШНО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ
- Со триумфот на дуелот со Грузија, кадетките обезбедија пласман во четврт-финалето. Денеска, во 3. коло, кадетите играат со селекцијата на Република Српска, а кадетките со репрезентацијата на Словачка
Кадетските репрезентации на Македонија забележаа нови победи на Светското првенство (СП) во училиштен ракомет што се игра во Скопје. Македонската машка репрезентација се наоѓа во групата А, заедно со селекциите на Грузија, Саудиска Арабија, Бугарија и на Република Српска, а женската репрезентација е во групата Ц, заедно со Словачка, Грузија и со Белгија.
Машката кадетска репрезентација ја запиша втората победа, во второто коло, со 46-13 на дуелот со Грузија. Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога Македонија водеше со 23-6. За одбележување е македонското лево крило Тома Симоновски, кој постигна 16 гола, а Андреј Георгиев погоди 10 пати. Денеска трет противник на црвено-жолтите на Мундијалот во Скопје ќе биде селекцијата на Република Српска, а натпреварот треба да почне во 10.30 часот, во салата „Македонско сонце“.
Победа со 45-13 забележа женската кадетска репрезентација на Македонија во средбата со Грузија, со што се пласира во четврт-финалето на годинашното Светско првенство во училиштен ракомет. Во македонските редови најефикасна беше Рона Мифтари со осум гола, а по пет гола дадоа Тара Аврамовска и Мила Ристовска.
Следниот ривал во групната фаза на Македонките е Словачка, а натпреварот е предвиден за денеска, од 10.30 часот, во салата „Крсте Мисирков“ во Гази Баба, и тој дуел директно ќе одлучува за првата позиција во групата, а тоа значи и полесен противник во елиминациската фаза.
Ривалот во четврт-финалето на СП 2026 во училиштен ракомет, пак, ќе биде селекција од групата Д, каде што се наоѓаат Грција, Турција, Бугарија и Германија. Г.И.
































