Фото: Собрание

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе биде домаќин на 20. Конференција на претседатели/спикери на Јадранско и Јонската Иницијатива (ЈЈИ), што се одржува во рамките на претседавањето на нашата држава со оваа Иницијатива.

На состанокот е најавено присуство на претседатели, заменик-претседатели и пратеници од парламентите на државите членки на ЈЈИ – Македонија, Албанија, БиХ, Хрватска, Грција, Црна Гора, Италија, Сан Марино, Србија и Словенија, како и претставници од Секретаријатот на ЈЈИ.

Учесниците на Конференцијата ќе се фокусираат на две клучни теми на кои ќе бидат посветени двете сесии: „Промовирање на мирот и стабилноста преку парламентарната дипломатија“ и „Зајакнување на регионалната поврзаност: Коридорите 8 и 10 и улогата на парламентите“.

На Конференцијата, покрај претседателот Гаши, обраќање ќе имаат и претседателката Гордана Силјановска-Давкова; потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николовски; заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски; Ризван Сулејмани, вонреден професор, поранешен министер и поранешен пратеник, Драгана Бојковска, пратеничка, претседателка на Клубот на младински прашања и политики на Собранието, Абдулменаф Беџети, академик, поранешен министер и поранешен пратеник и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.

Се очекува Конференцијата да заврши со усвојување на Заедничка изјава во која се дефинирани приоритетите на земјите членки на ЈЈИ, која ќе биде достапна на веб страницата на Собранието.

Јадранско-јонската иницијатива (ЈЈИ) која е основана на Самитот за развој и безбедност на Јадранското и Јонското Море, Анкона (Италија) на 19 и 20 мај 2000 година и чија цел е јакнењето на регионалната соработка, промоција на политичка и економска стабилност, како солидна основа за процесот на европска интеграција, ја сочинуваат четири земји членки на Европската Унија и шест земји кои не се членки на ЕУ.