По повод Денот на планетата Земја (кој се прославува на 22 април), публиката од регионот ќе има можност бесплатно да го гледа еколошкиот документарен филм „Дивиа“ во режија на Дмитро Хрешко, автор од Украина. Филмот ќе биде достапен онлајн од 22 до 29 април преку линкот ondemand.kinomeetingpoint.ba. Проекцијата се одржува како дел од програмата „Екоскоп“, иницијатива на фестивали обединети во Фестивалската мрежа на Јадранскиот Регион: Филмскиот фестивал во Сараево, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Фестивалот на авторски филмови, Филмскиот фестивал во Загреб и ИФФК „Браќа Манаки“.
Оваа година, четврти пат по ред, Мрежата на фестивали за Денот на планетата Земја бесплатно прикажува документарни филмови за животната средина за публиката низ целиот регион.
Филмот „Дивиа“ ја прикажува трансформацијата на Украина – од мирна природна убавина до уништена земја, што е предизвикано од војната. Со доаѓањето на пролетта, животот постепено се враќа, но обемот на уништувањето укажува дека брзото еколошко закрепнување е неизвесно. Филмот беше во конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“ на минатогодишниот 31. Филмски фестивал во Сараево и беше прикажан во Натпреварувачката програма – документарен филм.
„Дивиа“ е поетски документарец што го истражува двојното уништување од војната – човечко и еколошко. Преку слики од изгорени шуми, уништени полиња и поплавени градови, филмот прикажува пејзажи трансформирани од насилство, но и тивка отпорност на природата и луѓето. Преку перспективата на деминери, екологисти и тимови за реставрација, тој го открива бавниот и болен, но решителен процес на закрепнување на кревките екосистеми. Уништените шуми, поплавените села, спасувачите, деминерите, волонтерите за спасување животни и самата природа стануваат главни „актери“ на овој филм, кој целосно се потпира на слика и звук – без нарација и дијалог. Насловот на филмот се однесува на словенската божица на дивата природа, шумите, ловот и Mесечината, симболизирајќи ја природата, но и отпорот кон војната и смртта.
Проектот беше кофинансиран преку потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“.