Министерот за транспорт и врски Александар Николоски информира дека земјава со поддршка од Европската Унија реализира сериозни инфраструктурни проекти, со посебен акцент на развојот на Коридор 8.
– ЕУ целосно нè поддржува за реализација на големите инфраструктурни проекти. Заедно градиме автопатишта и железница – истакна Николоски.
Тој посочи дека станува збор за стратешки важен коридор, кој има и безбедносно значење.
– Зборуваме за развојот на Коридор 8, витален коридор, кој НАТО го прогласи за втор најзначаен безбедносен коридор – нагласи министерот.
Во делот на патната инфраструктура, Николоски информираше дека проектите се реализираат со добра динамика.
– Го реконструиравме граничниот премин Деве Баир, ја пуштивме во функција обиколницата на Крива Паланка, како и експресниот пат од Страцин до Крива Паланка. Работиме на изградба на автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, како и на завршување на автопатот Охрид – Кичево. Во финална фаза е изборот на изведувач за автопатот Кичево – Букојчани – рече Николоски.
Во однос на железничката инфраструктура, министерот најави нови активности во наредниот период.
– За десетина дена ќе се распише тендер за третата фаза од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до заедничкиот тунел. Наскоро ќе следи и реконструкција на пругата од Скопје преку Јегуновце, Тетово и Гостивар до Кичево – посочи тој.
Николоски потенцира дека Владата ќе продолжи со силна посветеност кон реализација на стратешките инфраструктурни проекти во соработка со меѓународните партнери.
































