Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупреди дека војната во Иран го одвлекла меѓународното внимание од руската агресија врз неговата земја, оценувајќи дека тоа претставува „голем ризик“ за континуитетот на поддршката кон Киев.
Во интервју за „Си-ен-ен“ Зеленски изјави дека техничките разговори со САД продолжуваат, но дека не гледа можност за директна средба на високо ниво додека не се затвори прашањето поврзано со конфликтот во Иран.
Тој истакна дека е проблематично што ист тим американски преговарачи, меѓу кои Стив Виткоф и Џаред Кушнер, учествува во преговори за повеќе кризни жаришта истовремено, нагласувајќи дека Украина не смее да биде ставена во втор план.
– Не е опција да се каже дека за Украина ќе зборуваме подоцна. Украина веќе е во голема трагедија и мора да се бара решение сега – изјави Зеленски.
Тој додаде дека војната веќе влијае врз испораките на клучно вооружување, особено противбалистички ракети, поради ограничени производствени капацитети во САД.
Во однос на поддршката од Европската Унија, Зеленски оцени дека одобрениот кредит од 90 милијарди евра е клучен за опстанокот на Украина, нагласувајќи дека без тие средства земјата ќе има сериозни тешкотии во одбранбените капацитети.
































