Амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија одобрија исплата на заем од 90 милијарди евра за Украина, како и нов пакет санкции против Русија, откако Унгарија го повлече своето вето, јави Ројтерс.
Според информациите, договорот се очекува формално да биде потврден од сите 27 членки на Унијата до утре попладне.
Заемот беше договорен уште минатата година со цел да ѝ се обезбеди финансиска стабилност на Украина во периодот 2026–2027, но неговото одобрување беше блокирано од Унгарија. Премиерот Виктор Орбан претходно ја обвинуваше Украина дека го попречува транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Истиот спор го одложи и усвојувањето на новиот пакет санкции против Русија, кој првично требаше да биде донесен по повод четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија врз Украина.
Блокадата беше надмината откако унгарската нафтена компанија МОЛ соопшти дека украинскиот оператор на нафтоводот „Дружба“ е подготвен повторно да го воспостави транспортот на сурова нафта кон Унгарија и Словачка.
Од компанијата очекуваат првите испораки да пристигнат најдоцна до утре, што е особено важно бидејќи двете земји и натаму значително зависат од руски енергенси.
Дополнителен фактор што придонесе за деблокирање на процесот е и политичката промена во Унгарија, откако премиерот Орбан ги загуби парламентарните избори. Новиот политички лидер Петер Маѓар најави дека повеќе нема да го блокира финансирањето за Киев, иако се очекува функцијата да ја преземе наредниот месец.


































