Суарет Алишан, од Коалицијатa за застапување на правата на лицата со хендикеп „Менуваме“ на денешната прес конференција за медиуми, изрази загриженост за кршењето на правата на лицата со попреченост.
Институционалната неактивност и одлуките на Министерството за социјална политика, демографија и млади, според него, резултирале со доцнење и неисплата на законски загарантирани бенефиции (личен доход) на личните асистенти, за период од три месеци, произволни намалувања на часовите за лична асистенција, без соодветна повторна проценка или оправдување а тековните практики одразуваат системска дискриминација и институционално запоставување.
– Денешната прес-конференција беше трета по ред, со цел да нè видат институциите на системот — Министерството за социјална политика, демографија и млади и Центрите за социјална работа. Поводот за денешната реакција е кратењето на веќе стекнатите часови на личните асистенти за услугата која ја добиваат лицата со попреченост – вели Алишан.
Коалицијата „Менуваме“ има три барања. Првото е остварување средба со премиерот и неговиот тим за да понудат решенија за надминување на проблемите. Второто е поништување на сите решенија, доставени вчера, со кои се намалени часовите за услуга и нивно враќање на претходната состојба од 80 часови. Овие решенија ги сметаат за неважечки зашто лицата со попреченост не присуствувале на евалуацијата врз основа на која се донесени.
– Третото барање е исплатата на личниот доход да се врши секој месец до 15-ти во месецот. Конкретно, бараме до овој петок да се исплати надоместокот за месец март, бидејќи асистентите не можат да работат без пари, особено со скратени часови и под минимална плата, имајќи предвид дека се ангажирани како хонорарци – изјави Алишан.
Кратењето на часовите на личните асистенти сега е извршено од 30 па до 60 часови неделно.
Последната исплата за била за месеците јануари и февруари, заедно, која беше извршена по прес-конференцијата и реакцијата на коалицијата на 30-ти март.
Во Македонија работат околу 120 провајдери на услуги, организации, преку кои се ангажираат лични асистенти и негуватели за ранливи групи на граѓани. Најголем провајдер на услуги е Црвениот крст.
И Весна Пешевска, негувател од Црвен крст, дава поддршка на колегите асистенти кои имаат скратени часови. Вели кај негувателите уште не се скратени часовите, но негувателите од Црвен крст се солидарни и протестираат да не се кратат часови на асистентите и на корисниците.

-Негувателите даваат поддршка, да не се кратат часовите, овие сервиси треба да постојат за сите, и за стари и за немоќни и за бездомници. На овие луѓе им треба нега. Што ќе прават луѓето што имаат потреба од нега а немаат семејство? Ако не одиме на работа тогаш сме исти како државните структури што не сакаат баш да помогнат. Нѐ поддржуваат и координаторите од Нега центарот на Црвен крст. Нормално, и ние бараме да се регулира и редовно да се исплаќа хонорарот од државата за нас, асистентите и негувателите – вели Пешевска. М.Ј.И.
































