Фото: ЕПА

Цените на нафтата се задржаа на високо ниво и покрај најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека примирјето со Иран ќе биде продолжено, додека пазарите и натаму остануваат внимателни поради геополитичките тензии.

Нафтата од типот Brent crude за испорака во јуни синоќа накратко надмина 100 долари за барел, првпат по околу една недела, а потоа се стабилизираше околу 99 долари. Тоа претставува дневен раст од речиси четири проценти.

Американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) исто така забележа пораст, но во помал обем.

Трамп изјави дека САД ќе се воздржат од нови напади на барање на Пакистан, со цел да му се овозможи време на иранското раководство да излезе со заеднички предлог и да ги продолжи разговорите.

Без ова продолжување, примирјето требаше да истече денеска, а претходно американскиот претседател предупреди на можни силни удари врз енергетската и цивилната инфраструктура на Иран.

Сепак, изгледите за напредок во преговорите остануваат неизвесни. Вашингтон и Техеран сè уште не успеале да договорат нова рунда разговори, и покрај посредничките напори на Пакистан.

Во меѓувреме, САД ќе ја задржат блокадата на иранската поморска трговија, мерка што Техеран ја оценува како сериозна пречка за обновување на дипломатскиот процес.