Колоризација и обработка Дејан Јовески

Повод: Сто и единаесет години од убиството на Јане Сандански, еден од најголемите македонски херои и најфанатичен заштитник на македонската национална идеологија

  • Јане Сандански не бил само војвода и револуционер туку се издигнал и како симбол на македонската национална мисла и идеологија. Неговата личност ја надминала рамката на воен водач и станал олицетворение на стремежот за самостојност и државна обособеност на Македонија. Сандански се пројавил како најфанатичен приврзаник на македонската идеологија што ја поставила основата на револуционерното движење: зачувување на внатрешниот карактер на македонската борба, самостојност и државна обособеност на Македонија, демократски развој на Балканот и идеја за балканска федерација
  • „Треба да се работи за будење на свеста на масите, дека тие се посебен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои беше ги дошле да ги ослободуваат, всушност потоа ќе ги поробат. Тоа може да не се случи дури ниту во моите дни, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам, и ако тоа се случи, тој ќе ја добие својата слобода“Јане Сандански

На 22 април 1915 година, кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир кон Неврокоп, во пиринскиот крај на Македонија, во заседа беше убиен Јане Сандански – еден од најголемите македонски херои и најфанатичен заштитник на македонската национална идеологија. Како директен извршител на убиството се посочува Андон Качарков, а како организатор Стојан Филипов, луѓе блиски до Тодор Александров. Во тогашните општествени и политички кругови се ширеле гласини дека убиството е резултат на борбите за превласт во македонското револуционерно движење. Но оваа констатација е само делумно точна – вистинската причина лежи во неговата непоколеблива македонска идеолошка позиција.

Вечниот чувар на македонската идеја

Јане Сандански не бил само војвода и револуционер туку се издигнал и како симбол на македонската национална мисла и идеологија. Неговата личност ја надминала рамката на воен водач и станал олицетворение на стремежот за самостојност и државна обособеност на Македонија. Сандански се пројавил како најфанатичен приврзаник на македонската идеологија што ја поставила основата на револуционерното движење: зачувување на внатрешниот карактер на македонската борба, самостојност и државна обособеност на Македонија, демократски развој на Балканот и идеја за балканска федерација.
Христо Константинов во своето дело „Старикот“, посветено на ликот и делото на Сандански, наведува: „Историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода… историја на македонската борба по Гоце, на чии разбирања тој се јави како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник“. Според истиот автор, Сандански не бил основоположник на овие идеолошки линии, но бил нивниот најфанатичен чувар и практичар.
Сандански беше убиен токму затоа што неговата идеолошка непоколебливост претставуваше закана за оние што сакаа да ја свртат македонската борба кон други интереси. Тој не прифаќаше компромиси со идејата за самостојна Македонија и се спротивставуваше на секоја форма на асимилација или подредување. Неговата смрт не беше резултат само на лични или организациски конфликти туку и чин на елиминација на најсилниот глас за македонската национална самобитност. Таа претставуваше обид да се замолчи идејата за слободна и независна Македонија, но истовремено ја засили симболиката на неговото дело – како вечен чувар на македонската идеја и како сведоштво за цената на непоколебливата борба за слобода.
Ова се потврдува и од бугарските архиви, односно од извештајот на Второто политичко одделение при Министерството за надворешни работи на Бугарија од 25 март 1906 година. Во споменатиот документ се наведува: „Интернационалноста во Организацијата не ќе рече прекинување на сите врски и одрекување од нашата (бугарска б.н.) народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански и Чернопеев…. Луѓето од таа група се вдаховуват од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија“. Последното е суштинската причина за убиството на еден од највеликите македонски водачи во современата историја.

Смртта што ја засили идејата за самостојна Македонија

Убиството на Јане Сандански претставува еден од најдраматичните и најболни пресврти во историјата на македонското револуционерно движење. Тоа не е само физичко исчезнување на еден човек туку и симболичен удар врз цела една генерација борци што ја носеа идејата за слободна и самостојна Македонија како светлина во темнината на поробувањето. Сандански остана запаметен како најфанатичниот и најбескомпромисен заштитник на македонската национална идеологија. За него борбата не беше само политички проект туку и морален императив – повик кон достоинство, кон човечка слобода и кон историска правда. Тој ја претвори револуционерната мисла во живо сведоштво дека народот има право на сопствена држава, на сопствен идентитет и на сопствена иднина.
Неговата смрт, иако трагична, истовремено е и сведоштво за силата на неговата мисија. Таа е доказ дека идејата за самостојна Македонија не била само сон или утопија, туку реална визија, која имала свои непоколебливи бранители – луѓе подготвени да ја платат највисоката цена, да го жртвуваат сопствениот живот за да ја зачуваат светлината на националната слобода. Сандански со својата личност и со својата жртва ја втисна идејата за Македонија во колективната меморија како нешто што не може да се избрише. Неговата смрт е како печат на верноста кон идеалот – печат што ја потврдува непоколебливата решителност на македонските револуционери да не се откажат од својата борба, без оглед на цената.
Затоа, убиството на Јане Сандански не е само историски факт туку и морална порака: дека слободата никогаш не се добива лесно, дека секоја идеја за национална независност бара жртви и дека вистински бранители на народот се оние што се подготвени да ја положат својата судбина на олтарот на иднината.