Вечерва, со почеток во 19 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб ќе биде отворена изложбата „Дијалог преку бојата“.
Изложбата претставува заеднички проект на македонски и хрватски уметници, во кој бојата се поставува како основен медиум на комуникација, како простор на средба, размена и интерпретација. Преку различни ликовни пристапи и индивидуални поетики, авторите градат визуелен дијалог што ги надминува јазичните и културните граници, отворајќи поле за нови значења и релации.
На изложбата учествуваат македонските уметници: Сергеј Андреевски, Решат Амети, Тања Балаќ и Башким Меџити, како и хрватските уметници Томислав Бунтак, Федор Фишер, Данко Фришиќ и Матко Векиќ.
Текстот за изложбата е на историчарката на уметност Виолета Калиќ, која преку својата интерпретација ја нагласува улогата на бојата како носител на емоција, меморија и идентитет, позиционирајќи ја изложбата како суптилна, но јасна платформа за интеркултурен дијалог и современа уметничка размена.
Изложбата ќе биде отворена во просториите на Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб. Изложбата е поддржана од Министерство за култура и туризам на Македонија и е дел од Годишната програма за култура.