ИЗБОР НА НАЈДОБРИ СПОРТИСТИ ЗА 2025 ГОДИНА
- Пари сен Жермен е избран за најдобар тим на годината
Тенисерите Карлос Алкараз и Арина Сабаленка се прогласени за спортист и спортистка на годината на доделувањето на наградите „Лауреус“ во Мадрид, а Пари сен Жермен е тимот на годината, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Алкараз лани ги освои гранслем-турнирите Ролан Гарос и САД опен, плус Австралија опен во јануари. Сабаленка, највисокорангираната тенисерка, вторпат во низа победи на САД опен минатата година. ПСЖ во 2025 година ја освои својата прва титула во фудбалската Лига на шампионите.
Во другите категории, Рори Мекилрој, кој успешно ја одбрани титулата на Мастерсот во голф овој месец, ја доби наградата за враќање на годината, ѕвездата на Барселона и Шпанија, Ламин Јамал, ја освои наградата за млад спортист на годината, шампионот во Формула 1, Ландо Норис, го доби признанието за светски пробив на годината, германскиот фудбалски великан Тони Крос ја освои наградата за светска спортска инспирација, некогашната гимнастичарка Надија Команечи ја доби наградата за животно дело, наградата за светски акциски спортист ѝ припадна на американската сноубордерка Клое Ким, бразилецот Габриел Араухо е светски спортист на годината со попреченост, пишува АП. Церемонијата на доделување награди во шпанската престолнина ја водеа тенискиот великан Новак Ѓоковиќ и скијачката во слободен стил Ајлин Гу, пишува АП. Н.М.
НАЈМНОГУ НАГРАДИ „ЛАУРЕУС“ СПОРТИСТИ
Роже Федерер 5
Новак Ѓоковиќ 5
Усеин Болт 4
СПОРТИСТКИ
Серена Вилијамс 4
Симон Бајлс 4
Елена Исинбаева 2
Продолжи низата на тенисот и на фудбалот
Во досегашните 27 избори за наградата „Лауреус“ за најдобрите во спортот во една година, вкупно 13 пати победил тенисер и осум пати триумфирала тенисерка. Така, годинашниот лауреат Карлос Алкараз им се придружи на Роже Федерер, Новак Ѓоковиќ (двајцата со по пет триумфи) и на Рафаел Надал (двапати), а Арина Сабаленка на Серена Вилијамс (четири победи), Наоми Осака, Жастин Анен и на Џенифер Капријати (сите по една). Досега во машка конкуренција по пет победи во годишниот избор за наградата „Лауреус“ имаат спортисти од атлетиката и од Формула 1, а по две од фудбалот и од голфот. Девет пати наградата ја освојувала спортистка од атлетиката, четири пати од гимнастиката, двапати од алпското скијање и по еднаш од пливањето, фудбалот и од голфот. Пари сен Жермен, пак, ја продолжи доминацијата на фудбалските клубови во категоријата за најдобри тимови на годината, откако досега вкупно 16 пати славел фудбалски клуб или репрезентација. Н.М.
































