Независниот академски синдикат (НАкС) информира дека на 17 април одржал средба со министерката за образование и наука Весна Јаневска и претставници на Министерството за образование и наука, на која биле разгледани предлог-законите за високото образование, научноистражувачката дејност и обезбедувањето квалитет.
Средбата, како што соопштуваат од НАкС, била иницирана од синдикатот со цел отворање институционален дијалог околу предложените законски решенија.
На состанокот, претставниците на НАкС ги образложиле своите забелешки, со акцент на универзитетската автономија, распределбата на надлежностите, условите за избор во наставно-научни звања, како и финансирањето и автономијата на високообразовните институции.
Сепак, од синдикатот посочуваат дека најголем дел од нивните предлози не биле прифатени.
– Со жалење констатираме дека не беа прифатени најголем дел од нашите предлози за подобрување на текстот на законите – наведуваат од НАкС.
Од Министерството, според соопштението, покажале отвореност само за дополнително прецизирање на научните бази во областа на јазиците и книжевноста.
НАкС нагласува дека останува посветен на заштита на академската автономија, квалитетот во образованието и институционалната одговорност, најавувајќи дека ќе продолжи со дијалогот со надлежните институции.
































