Фото: Нова Македонија/илустрација

Дваесет и едногодишен жител на Неготино е осомничен за кривично дело поврзано со неовластено снимање во воен објект, информираа од Секторот за внатрешни работи – Велес.

Како што соопштија од полицијата, вчера во 13.40 часот во ОВР – Неготино бил извршен службен разговор со лицето Д.К. (21) од Неготино, поради сомнение дека сторил кривично дело „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства“, казниво по член 350 од Кривичниот законик.

Според наводите, на армискиот полигон Криволак, тој снимал и фотографирал возила од конвој на Армија на Република Македонија, по што материјалите ги објавил на социјална мрежа.

Со тоа, како што посочуваат од СВР – Велес, била нарушена безбедноста и тајноста на активностите на Армијата.

За случајот бил известен јавен обвинител, а по негово целосно документирање, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна пријава.