Собраниската Комисија за образование, наука и спорт, со која претседаваше заменик-претседателката Емилија Ангелова, денеска одлучи да ја продолжи постапката за измена и дополнување на повеќе закони од областа на образованието, по скратена постапка.
Без расправа беа усвоени Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за образование на возрасните, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стручно образование и обука.
Единствено дискусија се водеше за измените на Законот за основното образование, каде што беше поднесен амандман од пратеничката Даниела Николова.
Таа побара сведителствата да продолжат да се издаваат и во хартиена форма како јавен документ, паралелно со дигиталната евиденција.
– Со предложените измени се предвидува сведителствата да се издаваат електронски, а во хартиена форма само по барање на ученикот или родителот. Сметаме дека хартиената форма треба да остане задолжителна заради правна сигурност, бидејќи станува збор за јавен документ – истакна Николова, додавајќи дека електронските системи во државата сè уште не се доволно стабилни.
Сепак, мнозинството членови на Комисијата не го прифатија амандманот. Според Ангелова, електронски генерираните сведителства имаат иста правна важност како и печатените.
– Електронското сведителство ги содржи сите потребни податоци и заштитни механизми за верификација. Печатењето претставува само физичка форма на веќе валиден документ – нагласи таа.
Ангелова додаде дека дигитализацијата ќе ја поедностави постапката, ќе ја зголеми ефикасноста и ќе донесе финансиски заштеди преку намалување на трошоците за печатење.
Сите три законски предлози се проследени во Собранието за понатамошна постапка.

































