ПОВОД: ЛАВРОВ ВО ПЕКИНГ СО АГЕНДА ШТО ГИ ПОКРИВА СВЕТСКИТЕ КРИЗИ – проектот „партнерство без граници“ на дело
- Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Кина, со широка палета на теми за разговор – од војната во Украина до кризите на Блискиот Исток и глобалните економски и безбедносни формати – претставува практично олицетворение на партнерството без ограничувања меѓу Москва и Пекинг, прогласено во 2022 година
Вчерашното одење на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во Пекинг не е само рутинска дипломатска посета туку и сигнал за засилена координација меѓу двете сили во време кога глобалниот поредок е под силен притисок. Во фокусот на разговорите со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји се наоѓаат две клучни жаришта. Прво е војната во Украина, а второ е ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, особено околу Иран.
Оваа агенда ги покажува отвореноста и согласноста на Москва и Пекинг да дејствуваат како координиран блок во решавањето или барем во обликувањето кон деескалирање на најголемите глобални кризи. Русија е активен учесник во една од светските воени кризи, но Кина формално се позиционира како неутрален, меѓутоа активен мировен актер со конкретни предлози и придонеси кон мировни преговори и траен мир, при што нејзината дипломатска синхронизација сугерира реалност на внимателно балансирана поддршка, која не вклучува директна воена помош, но обезбедува политички и економски простор за деескалација и мирно решавање и за преговори во рамките на меѓународното право. За потсетување, Пекинг прв лансира своја мировна платформа за договор, веднаш по почетокот на руско-украинскиот судир, а истото тоа го направи и за Блискиот Исток.
Партнерство без ограничувања како концепт и како реалност
Концептот партнерство без ограничувања, промовиран за време на посетата на претседателот на Русија, Владимир Путин, на Пекинг во февруари 2022 година, долго време беше предмет на различни толкувања. Денес тоа сè повеќе добива конкретна форма. Токму во тој контекст, посетата на Лавров ги потврдува таа развојна трансформација и надградба. Имено, од декларативна политичка порака, таа се преточува во оперативна рамка за координација. Разговорите не се ограничени само на билатералните односи туку се прошируваат и на мултилатералните платформи како Обединетите нации, БРИКС, Шангајската организација за соработка, Г20 и АПЕК. Тоа укажува дека Москва и Пекинг не само што ги усогласуваат своите позиции туку и активно работат на редефинирање на улогата на овие форуми во насока на поголема мултиполарност.
Посетата на Лавров во Пекинг е повеќе од дипломатски настан
Во контекст на Украина, Русија бара дипломатска поддршка и разбирање од Кина, особено во услови на продолжен притисок од Западот. Кина, пак, се обидува да се позиционира како потенцијален посредник, но без да ја наруши својата стратешка врска со Москва.
На Блискиот Исток, координацијата околу Иран е уште еден показател за заедничките интереси. И Русија и Кина имаат интерес од ограничување на западното влијание во регионот, како и од стабилност што ќе ги заштити пошироките, светски економски и енергетски интереси.
– Посетата на Лавров во Пекинг е повеќе од дипломатски настан. Таа е индикатор за новата фаза во односите меѓу Русија и Кина. Во време кога светот се движи кон поголема поларизација, ова партнерство станува еден од клучните столбови на алтернативниот глобален поредок. Но сѐ уште е прашање дали партнерството без ограничувања меѓу Русија и Кина ќе остане флексибилна политичка формула или ќе се претвори во формализиран сојуз со јасно дефинирани цели и обврски. Одговорот на тоа прашање ќе има далекосежни последици за глобалниот баланс, мултиполарност и стабилност во целиот свет – вели наш соговорник, поранешен амбасадор во една од земјите од БРИКС. Р.С.
Кинескиот претседател Си Џинпинг презентира предлог од четири точки за мир и стабилност на Блискиот Исток
Кинескиот претседател Си Џинпинг вчера презентираше предлог од четири точки за промовирање на мирот и стабилноста на Блискиот Исток на средбата со шеикот Халед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, престолонаследник на Абу Даби, Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), во Пекинг.
Кинескиот лидер повика на почитување на принципот на мирен соживот. Тој истакна дека е императив да се промовира градење заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива безбедносна архитектура за Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив.
Си Џинпинг повика на почитување на принципот на национален суверенитет. Тој рече дека суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на земјите на Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив треба целосно да се почитуваат, а безбедноста на персоналот, објектите и институциите на сите земји треба ефикасно да се заштити.
Во врска со почитувањето на принципот на меѓународно владеење на правото, кинескиот претседател рече дека авторитетот на меѓународното право треба да се почитува за да се спречи светот повторно да се врати во законот на џунглата. Тој рече дека развојот и безбедноста треба да бидат координирани. Сите страни треба да работат заедно за да создадат поволна средина за развој на земјите на Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив.
Беше истакнато и дека Кина е подготвена да ги сподели можностите на кинеската модернизација со земјите од Персискиот Залив, поттикнувајќи солидна основа за регионален развој и безбедност. Р.С.
































