Фото: Влада

Набавката на 100 нови возила за потребите на „Македонска пошта“ претставува почеток на модернизација на системот кој, како што рече, со години функционирал со застарена опрема и намалена ефикасност, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес конференција по повод набавката на новите возила.

Тој посочи дека инвестицијата, реализирана преку Министерството за транспорт, е одговор на реалните потреби на институцијата, имајќи предвид дека просечната старост на возниот парк досега изнесувала околу 15 години.

– Тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност. Тоа значи доцнење на пратките и незадоволство кај граѓаните. Ние решивме да ставиме крај на тоа – рече Мицкоски.

Премиерот нагласи дека со новите возила се очекува побрза, поефикасна и посигурна испорака на услугите до граѓаните и компаниите, како и намалување на трошоците за одржување и зголемување на продуктивноста.

Тој додаде дека оваа набавка е дел од поширока стратегија за модернизација на јавните услуги и зајакнување на институциите.

– Нашата цел е да создадеме современа, ефикасна и одржлива институција која ќе биде сервис на граѓаните и партнер на бизнисите – истакна Мицкоски.

Во рамки на Планот за раст, како што рече, се предвидуваат мерки за зголемување на ефикасноста на Македонска пошта и намалување на трошоците за најмалку 15 проценти, како и подобрување на профитабилноста за околу 15 проценти.

Премиерот оцени дека со овие чекори се прави разлика меѓу ветувања и конкретна реализација, додавајќи дека институциите мора да станат функционални и ориентирани кон потребите на граѓаните.