Настани, симболи, алузии
Историјата нѐ учи дека речиси сите владетели во критични моменти се потпирале на народот, но колку е таа инвестиција несигурна ни покажува примерот со Исус Христос, со она што му се случувало во страдалната седмица – од блескавиот ден на влегувањето во Ерусалим на Цветници до денот на распнувањето – црниот петок.
Таа е таканаречената драматична еднонеделна епизода од човечката историја што го промени светот, а истовремено ја појаснува лесната превртливост на масите и укажува на краткото растојание меѓу големата победа и срамниот пад, меѓу славата и понижувањето, меѓу слаткиот вкус на триумфот и горчината на поразот.
Општо се познати настаните во тие цивилизациско пресвртни денови: предавството на Исус од Јуда Искариот, апсењето, мачењето, судењето и распнувањето на крстот. Познато е како се однесувал народот. Истиот оној народ што го пречекал величествено, го воздигнувал во небесата и извикувал „Осана, осана“, по само неколку дена му ја донел пресудата.
Шест дена пред еврејскиот празник Пасха Исус влегол во Ерусалим. Градот бил преполн со народ, реки луѓе итале од сите четири страни да го видат спасителот за кого се расчуло дека доаѓа. Многумина од народот со радост го следеле по патот по кој се движел на магаре. Го поздравувале со палмини гранчиња, кои биле симбол за победа и дар за победниците во битките. Оддавајќи му невидена почит, признавајќи му слава и величие, народот ги фрлал своите облеки, со нив му го постилал патот. И викал, скандирал: „Осана, осана“.
Тоа се случувало во ден недела. Но во четвртокот, кога губернаторот Понтиј Пилат ги прашал што да прават со затвореникот Исус, истите оние што скандирале „Осана, осана“ громогласно, хорски извикувале: „Распни го, распни го!“ И, се разбира, го распнале по нивна желба, како и по желба на домашните предавници и римската власт, тогаш најголемата светска сила. Беше распнат без да му најдат и утврдат вина.
Еврејскиот збор „осана“ во основа значи „спаси, дај Господе спас“, „спаси нѐ те молиме“. Се толкува и како израз на благодарност или прекумерна пофалба, изразување припадност, покорност, преданост, верност, приврзаност, љубов и поддршка. Може да значи и барање заштита од неволјите, од непријателите, од поробителите. Осана, всушност, бил ритуален восклик со кој се поздравувале оние личности што долго биле исчекувани, што биле сметани за спасители, оние во кои народот гледал надеж за спас, за ослободување, за промени, за посреќен живот, за подобро утре, изблик на радост, на триумфална победа.
Ако се прави нерелигиозна споредба, тогаш извикот „осана“ може да се доближи до денешните извици „да живее, да живее!“, „победа, победа“, „ура, ура!“ „браво – браво“. Распнете го во денешни услови би се изедначувало со извиците – осудете го, затворете го, казнете го со животна казна.
Зошто народот го следел Исуса?
Многумина оделе по него, зашто се прочуло дека прави чудесија, исцелува болни, со негова помош слепи прогледуваат, неми прозборуваат, сакати проодуваат, мртви оживуваат. Ги поучувал и подучувал луѓето за многу непознати работи и ги советувал како практично да ги решаваат секојдневните проблеми. Замолниците од граѓаните ги исполнувал на самото место, брзо и лесно. А беше се прочуло дека е голем добродетел и дека со седум леба и малку риби нахранил околу четири илјади души, а во друга пригода со пет леба и две риби нахранил околу пет илјади мажи, не сметајќи ги жените и децата.
Тој бил еден од ретките луѓе во Израел што во тоа време јавно говореле и собирале народ околу себе. Држел говори и проповеди со кои им се полнеле душите и срцата на оние што го слушале. Како новопројавен пророк поткревал надеж за слобода не само од римската туку и од домашната власт, зборувал за демократија, за правда, за еднаквост меѓу луѓето, застанувал на страната на онеправдените, угнетените и сиромашните, ја истакнувал важноста на секој поединец во заедницата.
Барал промени, се залагал за човекови права, за уривање на стереотипите, за намалување на криминалот, корупцијата и недозволената трговија. А таа сѐ поголема маса народ што го следела и се движела со него (и по него) по ридовите и горите каде што ги држел говорите навестувала уривање на власта, имала вкус на победа, а истовремено го најавувала можното доаѓање на спасителот, раѓањето на новиот лидер, а со него на новиот, слободен свет.
Но, и самиот Исус, покрај сета таа радосна толпа и тој величествен пречек во главниот град, кога влегол во Ерусалим, не ја криел својата тага зашто ги познавал срцата човечки, знаел колку се тие превртливи, колку брзо можат да се свртат против него. Знаел и за злобната завист на еврејските старешини и свештеници, завист поради неговата огромна слава што со зборови и видливи дела ја беше стекнал во тие кратки три и половина години откако почнал да проповеда.
Исус, кој уште тогаш ја насетувал близината на смртта, како да имал и визија кога изговорил: „Зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни, и ќе те разрушат тебе и ќе ти ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето кога беше посетен“. И бил во право, зашто многу брзо, само неколку дена подоцна, истите луѓе што го величеле и славеле барале да биде распнат, палмините гранки биле заменети со стапови. Народот се покажал како безлична и превртлива маса, подложна на манипулации за нечии други интереси и со различно расположение во различно време.
Не се случајни последните Исусови зборови на крстот: „Оче прости им, не знаат што прават“.
































