Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјава има доволни количини на нафтени деривати и дека засега нема потреба од воведување ограничувања.

Тој посочи дека и покрај зголемената потрошувачка, пред сè поради граѓани од соседните земји кои доаѓаат да точат гориво, состојбата е стабилна. Потрошувачката, како што рече, пораснала од околу 10 на 15 проценти во споредба со претходниот период, пренесе МИА.

Мицкоски нагласи дека засега нема индиции за ограничување на количините, за разлика од некои земји во Европската Унија, ниту пак има потреба од мерки за штедење на гориво.

Според најавите, од понеделник се очекува цената на бензините да се движи меѓу 1,32 и 1,37 евра по литар, додека дизелот би бил од 1,5 до 1,53 евра. Тој додаде дека во продуктоводот Солун–Скопје има резерви за околу 60 дена, а дополнително уште 62 дена во државните стокови резерви.

Премиерот истакна дека приоритет е обезбедување доволни количини и одржување на стабилни цени, со цел да се избегне сценарио како во 2022 година, кога инфлацијата беше двоцифрена. Владата, како што рече, внимателно ја следи состојбата и ќе носи одлуки во зависност од развојот на ситуацијата.