• По повод петдеценискиот јубилеј, годинава се предвидени повеќе активности, кои започнуваат со првиот настан во почетокот на април на Шаховскиот фестивал, информираат од ШК Алкалоид. На 4 и 5 април во хотелот „Континентал“ ќе бидат организирани два турнира, во брз шах и во забрзан шах

Сведоштвата за големата почит спрема шаховската игра во Македонија отсекогаш биле добро фундирани со аргументи, меѓу кои е организацијата на Шаховската олимпијада (ШО) во 1972 година во Скопје, а потоа и формирањето на ШК Алкалоид во 1976 година.
Клубот, кој на почетокот беше скромно ориентиран кон поттикнување и развивање на древната игра меѓу вработените, кои учествуваа на натпреварувања против други компании, со текот на времето прерасна во најуспешен шаховски колектив во Македонија, кој на републичките првенства ја презеде доминацијата и во независна Македонија дури 27 пати ја освои екипната титула во 33 настапи. Дополнително, ШК Алкалоид во 2016 година во Нови Сад (Србија) ја освои титулата европски клупски шампион, а во три наврати (2017, 2024 и 2025 година) беше европски клупски вицешампион! По повод петдеценискиот јубилеј, годинава се предвидени повеќе активности, кои започнуваат со првиот настан во почетокот на април на Шаховскиот фестивал, информираат од ШК Алкалоид.
На 4 и на 5 април во хотелот „Континентал“ ќе бидат организирани два турнира, првиот во брз шах (13 кола со темпо на игра од три минути по играч и две секунди за секој потег), а вториот во забрзан шах (играчите ќе играат 11 кола со темпо од 10 минути по учесник плус пет секунди за секој потег). Предвиден е награден фонд од 130.000 денари за првиот турнир и уште 230.000 денари за вториот. Во двата случаи ќе им бидат доделени награди на десетте најдобропласирани играчи, како и специјални награди на шахистките, ветераните и на јуниорите.
Традиционално, интересот за турнирите на ШК Алкалоид е голем, а поради ограниченоста на просторот за игра, чинот на пријавување завршува рано. Имајќи го предвид намалениот број на турнири што се организираат во Македонија, со сигурност овие два турнира ќе донесат задоволство меѓу оние што го почитуваат шахот, а упатените ќе знаат да ги препознаат и организациските напори на спортските работници меѓу фармацевтите, кои ќе дадат сѐ од себе за да направат уште едно силно издание на овој турнир, кој ужива висок углед во регионот.
Организаторите од ШК Алкалоид навестуваат дека турнирот ќе биде отворен и за публиката, за одбележувањето на полувековниот јубилеј да биде во што е можно подобра атмосфера, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.