ПОБАРУВАЧКАТА ЗА СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ РАБОТНИ АНГАЖМАНИ НА ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ ВО ПОРАСТ
- Македонскиот пазар на трудот се соочува со јасно изразен парадокс: илјадници слободни работни места, но недостиг од квалификувана работна сила. Најновите податоци од Агенцијата за вработување и Државниот завод за статистика откриваат јаз меѓу понудата и побарувачката, кој покажува тренд на сѐ повеќе отворање работни места, а граѓаните апстинираат од конкурирање за нив
Во моментов преку огласите на Агенцијата за вработување се нудат околу 10.970 слободни работни места. Најголем дел од нив се однесува на позиции со одредено потребно ниво на квалификации. На врвот на листата се работници на производствени линии (827), хигиеничари (805), продавачи (706) и административни службеници (529). Значајна побарувачка има и за оператори во повикувачки центри (403), општи работници (354), возачи на камион (342), обезбедувачи (309) и келнери (300).
За разлика од ова, побарувачката за високообразован кадар е нешто помала. Во категоријата повисоко квалификувани професии се евидентирани само 93 слободни места за програмери и 85 за маркетинг-агенти. Овие бројки јасно укажуваат дека македонската економија во моментов генерира повеќе потреба за средно ниво на квалификувани оперативни и услужни работни позиции отколку за високоспецијализирани кадри.
Регионалната распределба за работна сила отсликува еден тренд на гравитација на потребите за работни ангажмани за големите градови, првенствено за главниот град.
Имено, Скопје убедливо доминира со 7.666 слободни работни места, што е над десет пати повеќе во споредба со Битола (574), Куманово (530) и Тетово (383). Потоа следуваат Штип со 334, Охрид со 245 и Гостивар со 86 работни места. Во помалите општини, како Кратово (5), Демир Хисар (4) и Крушево (1), понудата е речиси симболична.
Секторската анализа покажува дека најголем дел од побарувачката е концентриран во трговијата (2.452 работни места), преработувачката индустрија (1.938), административните и помошните услужни дејности (1.586), угостителството (1.071), како и транспортот и складирањето (980). Градежништвото учествува со 767 работни места, а стручните, научни и технички дејности со 527. Најниска побарувачка има во образованието, со само 18 отворени позиции, и во секторот снабдување со електрична енергија, каде што се евидентирани само 6.
Податоците од Државниот завод за статистика за четвртиот квартал од 2025 година ја потврдуваат оваа структура. Најголем број работници биле барани во услужните дејности и продажбата (2.387), додека највисока стапка на слободни работни места од 2,64 отсто е регистрирана кај компаниите со 10 до 49 вработени – сегмент што претставува клучен двигател на вработувањето во земјата.
Сепак, зад овие бројки може да се забележи и феноменот на недостигот од квалификувана работна сила. Анкетата „Бизнис и инвестициски индикатор 2025“ покажува дека дури 89 отсто од странските инвеститори во Македонија се соочиле со тешкотии при пронаоѓање соодветно квалификувани работници. Како резултат на тоа, 17 отсто од компаниите веќе започнале да вработуваат странски работници.
Иако 90 отсто од компаниите ги зголемиле платите – во просек за околу 10 отсто – овој потег не е доволен да го ублажи проблемот. Главната причина, според Советот на странски инвеститори, е миграцијата на работоспособното население, тренд што не ги заобиколува ниту Македонија ниту поширокиот европски регион.
Сумирано, македонскиот пазар на трудот моментално има квантитативна понуда од речиси 11 илјади работни места, но квалитативниот јаз останува клучен предизвик. Потребата од квалификувана работна сила не се мери само преку бројот на отворени позиции туку и преку неспособноста тие да се пополнат. Токму тука лежи вистинската бројка: речиси девет од десет компании не можат да најдат соодветен кадар, показател што ја дефинира реалната состојба на пазарот и ја наметнува потребата од системски решенија во образованието, обуката и задржувањето на работната сила. Но, и за тоа има соодветен пристап – преквалификациите што Агенцијата за вработување со години ги организира и силно им помага на граѓаните што сакаат работен ангажман од друг профил. Е.Р.
ПАЗАРОТ НА ТРУДОТ РАЗДВИЖЕН: ИМА ПОБАРУВАЧКА НА КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА
Со преквалификации до нова струка
- Агенцијата за вработување е исклучително проактивна и иновативна. Таа ги антиципира појавите од областа на нејзиниот делокруг на работа и презема соодветни мерки, во рамките на нејзините надлежности. На пример, Агенцијата за вработување со години спроведува план за преквалификување или план за стекнување вештини за лицата што се невработени. Голем број граѓани преку оперативниот план се имаат вработено или имаат отворено и започнато сопствен бизнис
Електроинженер, столар, машински инженер, автомеханичар, готвач, бербер, електромонтер… Ова се само мал дел од струките за кои се бараат кандидати за работа на огласите објавени преку Агенцијата за вработување. Дополнително, граѓаните секојдневно се соочуваат и алармираат дека имаат голем проблем да пронајдат добар мајстор за поправки во домовите.
Дека има недостиг од занаетчии од градежниот сектор одамна е познато, но она што граѓаните го забележуваат во последниов период, но и месеци, се растот на цените на мајсторите и долгиот период на чекање или долгиот период на барање мајстори за куќни работи. Плочкари, електричари, ѕидари, водоводџии, молери и друг тип на градежни струки сè помалку ги привлекуваат младите, а оние што се искусни во дејноста или одат на работа низ Европа или наплаќаат како веќе да сме во Европската Унија. Причините за намалениот број на мајстори се јасни, од една страна е намалениот интерес кај младите, кои немаат желба за изучување и работа во некоја од овој тип на струки. Но придонес има и фактот дека многу обучени кадри ја напуштија нашата земја и заминаа или на работа или да живеат во некои од европските земји.
Дополнително удел има и фактот дека сè помалку млади луѓе се одлучуваат за стручно образование и занаети, претпочитајќи канцелариски работи, особено дејности поврзани со ИТ-вештините, но и фактот дека многумина од нив размислуваат како и каде да заминат.
Иселувањето е главна причина што голем број струки станаа дефицитарни. Работниците сакаат да бидат вреднувани и голем дел квалификувани занаетчии заминаа да работат во земјите од Европската Унија, каде што заработката е повисока. Сепак, факт е дека градежниот сектор во Македонија и понатаму е активен, на пазарот има голема потреба од обучени кадри од областа на градежништвото.
Експертите укажуваат дека проблемот е голем и неопходна е системска и темелна анализа што ќе резултира со сериозни решенија и програми. Според нив, на нашиот пазар му се неопходни кадри што се стекнуваат во средните стручни училишта. Но тие потенцираат дека поради тенденциите на младите да завршат факултет, најголем дел од нив ги избегнува стручните школи.
– На пазарот недостигаат образовани среднисти, како електричари или молери, плочкари… Проблематично е што за дел од струките нема соодветни образовни програми, а дополнително искусните занаетчии одамна заминаа или оние што остана наплаќаат прескапо за наши услови – вели нашиот соговорник.
Фактот дека многу млади се насочуваат кон факултетите што важат за просперитетни, факултети поврзани со ИТ-вештините, дополнително создава дупка на пазарот. Иако за нив сè уште има работа и притоа солидно заработуваат, во нашата земја и понатаму има кадри што остануваат без работа бидејќи се специјализирале за некои од општествените науки, за кои, пак, нема толкава побарувачка.
Затоа економистите алармираат дека се потребни подобра програма и план за идниот образовен процес, но и создавање можности за преквалификации или дообуки за кадри што би можеле да изучат да работат во некои од дејностите што се барани на пазарот.
– Со преквалификации може да се обезбедат потребните стручни кадри, што е вообичаена практиката и низ европските земји. Граѓаните што остануваат без работа, со помош на државните институции, со државна поддршка се пренасочуваат во некоја струка што во тој период е повеќе барана. Тоа може лесно да се примени и кај нас, преку поддршка на обуки за невработените преку Агенцијата за вработување – вели нашиот соговорник.
Агенцијата за вработување е исклучително активна и иновативна. Таа ги антиципира појавите од областа на нејзиниот делокруг на работа и презема соодветни мерки, во рамките на нејзините надлежности. На пример, Агенцијата за вработување со години спроведува план за преквалификување или план за стекнување вештини за лицата што се невработени. Голем број граѓани преку оперативниот план се имаат вработено или имаат отворено и започнато сопствен бизнис, но и понатаму има дејности за кои се бараат кадри „под дрво и под камен“ и тие се дејностите што би требало институциите да ги поддржат и да поттикнат обуки за нив, за да се намали притисокот односно недостигот од кадар.
Економистите, пак, укажуваат дека дефицитарните професии се секогаш поплатени и полесно се наоѓа работа, како на пример монтер на клима-уреди или мајстор за машини за перење алишта, кои имаат високи примања, бидејќи е тешко да се најдат.
Затоа тие предлагаат да се креираат конкретни планови со кои ќе се насочуваат младите во дефицитарните струки за да биде искористено вложувањето во нивното образование. Е.Р.































